Станува збор за социјалистички режим кој што со години лиферува непоткрепени информации и обвинува засегнати страни и држави кои немаат одговорност во таквите случаи, вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски по обвинувањата на Венецуела дека хакери од Македонија биле замешани во тамошна изборна манипулација.
Министерот се надева дека освен коментарите во јавноста, кои што, како што вели, ги следат со внимание, од Венецуела и властите ќе има и докази за соодветно вмешување на наши граѓани или институции од државата.
-Внимателно го следиме процесот. Министерството не е истражен орган, но ќе се заложиме за тоа никој да не биде обвинуван во државата, без да има соодветни докази за тоа или да не биде вмешуван во внатреполитички битки на еден авторитарен режим кој што постои со години во таа држава и неговиот однос кон опозицијата во таа држава, вели Андоновски.
Венецуелскиот јавен обвинител најави истрага против опозициската лидерка Марија Корина Мачада и двајца непознати противници на венецуелската влада.
-Хакерскиот напад потекнува од Северна Македонија и имал намера да манипулира со податоците. За среќа, оваа акција беше спречена, но успеа да го одложи читањето на резултатите, изјави Тарек Вилијам Сааб, главен јавен обвинител на Венецуела, кој не приложи никакви докази кои би ја посочиле вмешаноста на лица од Македонија.
Опозицијата го тврди спротивното – изборите биле украдени од власта, а за нив, опозицискиот кандидат Гонзалез Урутија е убедлив победник на изборите.
Во неделата се одржаа претседателските избори во Венецуела, каде што тамошната Државна изборна комисија го прогласи актуелниот претседател Николас Мадуро за победник, давајќи му трет мандат, продолжувајќи ги 25-те години на власт на Социјалистичката партија во земјата.