Ангеловска: Буџетот е во добра кондиција, интересите на граѓаните пред политичкото поентирање

од Aleksandar Petrovski
355 прегледи

Министерката за финансии Нина Ангеловска денеска порача дека Буџетот е во добра кондиција и оти финансиите се стабилни. Апелираше до политичките субјекти да се однесуваат одговорно и интересите на граѓаните да бидат пред политичкото поентирање и медиумското внимание.

На прес-конференцијата во Владата, Ангеловска рече дека реализацијата на вкупни приходи изнесува 97 проценти и оти се очекува и годинава да има одлична реализација на приходната страна, а редовно се сервисира и расходната страна.

Таа посочи дека ќе продолжи редовната исплата на пензиите кои ќе бидат и зголемени, а ќе бидат исплатени и повисоки плати во образованието и здравството. Старите долгови редовно ќе се исплаќаат, а аукциите на државните хартии од вредност се одвиваат согласно однапред утврдениот календар. Јавниот долг е стабилен и изнесува 47, 7 проценти.

До крајот на месецот, како што најави Ангеловска, треба да биде готова и платформата за јавен долг која ќе овомозжи јасен преглед на целокупниот долг.

Според Ангеловска, со добра динамика се одвива и проектот за субвенционирање на платите, како и повратот на ДДВ кон фирмите. Само во првите 16 дена од месецов исплатени се 926 милиони денари поврат на ДДВ кон фирмите. Одлични резултати, како што рече Ангеловска, дава и мерката за поврат на ДДВ кон граѓаните. Нова исплата се очекува веќе следниот месец, а преку наградната игра која е надполнување на мерката, досега се доделени награди во вредност од 1,8 милини денари.

Соработката со заменичката министерка за финансии во техничката влада, Ангеловска ја оцени како професионална, коректна и на солидно ниво. – Имаме соработка во однос на проток на информации, рече Ангеловска.

Слични содржини