Ангеловска: Граѓаните заслужуваат отчетност, а не политички манипулации, порталот за јавен долг ќе ја зголеми транспарентноста

од Aleksandar Petrovski
263 прегледи

Министерството за финансии го продолжува процесот на отворање на јавните финансии пред граѓаните. Во завршна фаза е новиот портал за јавен долг со кој граѓаните ќе имаат непосреден увид во задолжувањето и раздолжувањето на државата. Со тоа од темата задолженост се тргаат сите политички превези а граѓаните, за кусо време добиваат уште една демократска алатка. Овие процеси ја зголемуваат довербата на граѓаните во институцијата.

-Со порталот за јавен долг, што наскоро ќе профункционира, јавноста ќе може да го види секое евро задолжување и раздолжување и за што биле потрошени тие средства, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на предавањето на техничка документација за изградба на локални патишта на 35 општини.

Таа посочи дека обидот да се претстави како завера испраќање на меил од Кабинетот со процедура за работа и комуникација, не е ништо повеќе од обид за политичко поентирање.

-Немам што да кријам. На оваа позиција дојдов без никаков багаж. Немам ни црвени, ни розови, ни црни очила. Тоа го покажуваат и моите заложби за транспарентност. Дојдов да работам и да ги носам најдобрите одлуки за граѓаните, нагласи Ангеловска.

Во насока на зголемување на транспарентноста и отчетноста, Министерството за финансии пред два месеци ја пушти платформата „Отворени финансии“ преку која може да се видат сите исплати од Трезорот. За да се отвори Трезарот за граѓаните, беа направени измени во регулативата, со кои објавување на податоци од Трезорот стана законска обврска. Со тоа се осигура објавување на овие податоци без оглед на тоа кој е на власта и кој министер го води Министерство за финансии.

-Ако некој е транспарентен и отворен тоа е Министерството за финансии. За овие две и пол години работите суштински се променети. Не треба да си дополнителен заменик министер во Министерството за финансии за да ја видиш секоја трансакција и секој денар каде оди. Тоа е резулат на максимално зголемената фискална транспарентност, рече министерката Ангеловска.

Министерството за финансии ја промовираше и алатката „Реализација на капитални инвестиции во Буџетот“, на која може да се следат капиталните расходи на секој буџетски корисник.

Слични содржини