Ангеловска: Преку низа мерки работиме на сузбивање на сивата економија, ова го поздрави и ММФ

од Aleksandar Petrovski
334 прегледи

Преку низа мерки се работи на сузбивање на сивата економија во земјава. Ова го увиде и поздрави и Меѓународниот монетарен фонд. Министерството за финансии работи на акциски план и јакнење на механизмите за адресирање на сивата економија, а исто така се работи на стратегија за кревање на свеста за сивата економија и јакнење на даночниот морал, рече во интервју за Фактор министерката за финансии Нина Ангеловска.

– Преку низа мерки се работи на сузбивање на сивата економија, од една страна на пазарот на труд, од друга страна кај фискализацијата. Тука се активните мерки за вработување, социјалната реформа – кои ги воведуваат лицата на формалниот пазар на труд, како и мерките МојДДВ и МојДДВ #МојаНаграда кои ја поттикнуваат фискализацијата.Во последниот редовен мониторинг – член 4, кој ММФ го направи на нашата земја, тие ги поздравија владините реформи во насока на сузбивање на сивата економија и посочија дека тие се на високо место во владината агенда, вели Ангеловска.

Таа посочува дека во Министерството за финансии веќе извесно време се работи на подготовка на акцискиот план за 2020 година за јакнење на механизмите за адресирање на сивата економија, а исто така се работи на стратегија за кревање на свеста за сивата економија и јакнење на даночниот морал.

Според Ангеловска, мерката МојДДВ дава резултати и тие во континуитет се подобруваат. Таа истакнува дека значајно засилување на мерката МојДДВ е наградната игра МојДДВ #МојаНаграда која започна на 15 декември.

– Откако започна наградната игра, во првите 15 дена бројот на скенирани сметки порасна за 74 проценти во однос на првата половина од месецот. Понатаму, само во декември имаме скенирани 12,5 милиони фискални сметки, што е за 53 проценти повеќе во однос на претходниот просек на скенирани сметки месечно. Од јули минатата година просечно месечно се скенирале по осум милиони фискални сметки. Сега само во декември имаме 12,5 милиони фискални сметки, односно раст од над 53 проценти. Ако го земеме периодот од 15 декември до 31 декември имаме осум милиони скенирани фискални сметки, односно во 15 дена се скенира колку што просечно се скенирале во претходниот период во текот на еден месец. Во декември растот на наплатата на ДДВ изнесува 12 проценти, додека наплатениот ДДВ од скенираните сметки бележи раст од 59 проценти. Овие бројки говорат за резултатите, за популарноста на наградната игра, за тоа колку повеќе луѓето ги скенираат сметките, учествуваат во борбата против сивата економија и колку оваа наградна игра ги стимулира повеќе да се вклучат, вели Ангеловска.

Слични содржини