Антиевропската политика на ДПМНЕ е антимакедонска и ќе биде поразена, велат од СДСМ

од Nikola Popovski
171 прегледи

Антиевропските политичари ги чека двоен пораз на изборите идната година и на претседателските и на парламентарните, уверуваат од СДСМ преку соопштение.

Од владеачката партија се децидни дека иднината на државата е европска и дека друга алтернатива нема.

-Само Мицкоски и ДПМНЕ се против членството во ЕУ. Граѓаните не сакаат нова изолација, економска стагнација и неизвесност, сакаат европска иднина, европски вредности, европски животен стандард. Членството во ЕУ носи повисоки плати и пензии, пазар од 500 милиони луѓе за пласирање на македонските производи, пристап до европските фондови.

СДСМ е предводник на европскиот фронт и отворен за сите партии кои се за подобра европска иднина на државата. Антиевропската политика на ДПМНЕ е антимакедонска и ќе биде поразена, велат од „Бихаќка“.

Потпретседателот на СДСМ и вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи синоќа истакна дека изборите ќе бидат редовни. Според него, претседателските и парламентарните избори треба да бидат одвоени, а за доброто на земјата може да се разговара за термините.

-Во минатото докажавме дека имаме широк коалициски капацитет и со различни партии. И последните парламентарни избори во 2020 година беа во таков дух. Сега го нарекуваме европски фронт. Сите партии што се отворени можат да се обединат или во заеднички листи или во заеднички дух за подобра, европска иднина на државата, истакна Битиќи.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека за нив 8 мај е прифатлив како можен термин за одржување на парламентарните избори и на вториот круг од претседателските избори, потсетувајќи дека и во минатото имало таква пракса.

Според потпретседателот на ДУИ и актуелен министер за надворешни работи Бујар Османи, датумот за одржување на претседателските и парламентарните избори ќе биде производ на дијалогот меѓу политичките партии, на кој треба да се гледа во контекст на уставната реформа, а не од аспект на партиските интереси.

Слични содржини