Многу YouTube канали во кои се промовираат антиваксерски теории на заговор веќе нема да добиваат пари од реклами во нивните видеа на платформата.

Од петокот YouTube престана да пласира реклами на голем дел од популарните канали на кои се промовираат ставови и теории против вакцинирање.
Ваквиот чекор следеше откако реагираа компании што дознаа дека нивните реклами на платформата се појавуваат во вакви контроверзни видеа.
Светската здравствена организација соопшти дека антиваксерските теории се една од десетте најголеми закани по здравјето на луѓето во 2019 година.
YouTube рече дека ваквиот чекор се презема бидејќи голем дел од антиваксерските канали промовирале „штетни или опасни ставови“.
„Какви било дезинформации на медицински теми се особено загрижувачки“, стои во соопштението од платформата.
Покрај одлуката за повлекувањето на рекламите, од YouTube исто така ќе се погрижат полесно да се наоѓаат сериозните и потврдени содржини за полезноста од вакцинирањето, а антиваксерските видеа исто така нема да се појавуваат во листите на препорачани содржини за корисниците.
Hasbro, Nestle, AT&T, Kellogg, Epic Games и други компании беа меѓу оние кои рекоа дека ќе ги повлечат своите реклами од платформата ако продолжат да се појавуваат во контекст на антиваксерски содржини.