Апасиев: „Ни го глода, ни го дава“ – Уставниот суд брзо реши за Мурати, а моето барање чека две и пол години

од Љубиша Владимиров
130 прегледи

Пратеникот Димитар Апасиев со реакција на социјалните медиуми дека Уставниот суд донел одлука во корист на неговиот колега, пратеникот Сали Мурати од ДУИ, за помалку од пет месеци, додека неговото барање за интердиктна заштита сè уште нема разрешница по две и пол години.

Апасиев посочи дека Мурати поднел Барање за заштита на правото на политичко дејствување против актуелниот претседател на Собранието, Африм Гаши, и дека судот брзо одлучил во негова корист. Според него, ова е позитивен преседан, бидејќи за првпат дејствието на претседател на Собранието е предмет на уставно-судска заштита, што ќе спречи идни злоупотреби.

„Колегата пратеник Сали Мурати (поранешен уставен судија) од ДУИ поднел барање за заштита на правото на политичко дејствување против спикерот Африм Гаши. Уставниот суд, за помалку од пет месеци, донел позитивна одлука во негова корист, што е добро, бидејќи за првпат дејствието на претседателот на Собранието е ставено како предмет на уставно-судска заштита. Ова значи дека во иднина тој нема да може да се однесува како апсолутен монарх“ пишува Апасиев.

Лидерот на Левица изрази незадоволство што неговото идентично барање против поранешниот спикер Талат Џафери, поднесено кон крајот на 2022 година, сè уште не е решено од Уставниот суд. Тој обвини дека со ваквиот однос на институциите, му се оневозможува пристапот до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„И сето ова ќе беше одлично, доколку исто такво барање за интердиктна заштита, како своевиден облик на уставна тужба, немав поднесено и јас уште кон крајот на 2022 година – против поранешниот спикер Талат Џафери, за неговото непостапување по референдумската иницијатива за т.н. Француски предлог. И еве, скоро две и пол години подоцна, сè уште немам никаква конечна одлука од Уставниот суд на Република Северна Македонија! Со тоа, поради непостапувањето на домашните институции, ефективно сум спречен да поднесам апликација до Европскиот суд за човекови права во Стразбур!“ потенцира Апасиев.

Апасиев потсети дека неговото барање се однесува на, како што тврди, непостапувањето на Џафери по референдумската иницијатива за т.н. Француски предлог.

 

 

Слични содржини