Лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев се пожали дека состојбите и условите во Собранието не се на задоволително ниво, во споредба со Владата. Според Апасиев, во Собранието нема „луксузирање како во Влада со бизони, бифтеци, папаја, апрарагуси, морски плодови и гурелки од нилски коњи…“.
Како што информира пратеникот, Собранието нема паркинг и останало без кафе и јајца за доручек.
„Во институција која дневно прима над 200 странки, факинг кафе да нема три месеца!? Па ставете клуч на врата, да не глумиме држава“, објави меѓу другото Апасиев.
Во однос на неодамнешните обвинувања на дел од опозицијата дека Владата распишала тендери за набавка на егзотично овошје и морски плодови, портпаролката Марија Митева на прес-конференција рече дека „жали што граѓаните се замајуваат со вакви лажни вести кои имаат за цел да дезинформираат и да ја дефокусираат јавноста“.
Митева ги охрабри новинарите да ги побараат договорите од претходнатта година и дговороите од оваа година од СОЗР и да направат споредба. Според неа, ќе се постави прашањето како е можно договорите сега да имаат пониски цени.
-Прометот е зголемен за 15,5% од услугите. Мислам дека доволно соопштивме пред јавноста и мислам дека ваквите вести ќе ги покриеме со кажување на вистината, рече портпаролката.
Левица тогаш обвини дека Владата набавила папаја, манго, аспарагус и други овошја и зеленчуци за своите потреби. Од „Илиндеска бр.2“ возвратија:
-Времето на државна „јагма“ како што постоеше за време на минатата власт, заврши. Не е точно дека набавката ја прави Владата, туку редовната набавка ја спроведува Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) и е наменета за непречено функционирање на рестораните во сопственост на СОЗР. Оваа набавка се спроведува долги години по истиот принцип, како што е случај и со секој ресторан во државата, кој мора да располага со различни прехранбени продукти, иако некои од нив не секогаш се користат, стои во владиното соопштение. Од Владата потенцираа дека производи како манго, аспарагус и слични специфични намирници никогаш не биле набавени или нарачани од страна на фирмата која ја добила јавната набавка.