Апелација ќе решава дали „бомбите“ се доказ за „Тендери“

од Vladimir Zorba
76 прегледи

   Апелацискиот суд денеска треба да расправа дали снимките од прислушуваните разговори ќе можат да се користат како доказ во случајот на Специјалното јавно обвинителство „Тендери“. Седницата вчера беше одложена поради отсуството на судијката Лилјана Ивановска-Шопова поради службени обврски.

Советот за оценка на обвинителен акт на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, на 27 септември годинава ги одби т.н. „бомби“ како доказ во случаите „Тендери“, „Топлик“ и „Тортура“.

Во случајот „Тендери“ обвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“. Во „Топлик“ осомничени се шест лица од Министерството за транспорт и врски за изградба на „Сончев град“, а „Тортура“ се однесува на апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски.

Снимките од прислушуваните разговори досега се прифатени како докази во предметот „Триста“ во кој обвинет е поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски и за „Насилство во Центар“ во кој обвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, а се отфрлени за „Титаник“, „Тенк“, „Тифани“ и „Тревник“.