Apple го претстави најскапиот iPhone досега – Xs Max

од desk2
126 прегледи

На вчерашниот Apple Event беа претставени неколку нови уреди, но ѕвездата на шоуто беше iPhone Xs Max, најскапиот iPhone досега произведен. Покрај него, на настанот беа претставен и ажурираниот iPhone Xs, како и „евтиниот“ iPhone XR.

Новиот iPhone Xs Max е значаен на повеќе од еден начин. Тој е најскапиот, но и најголем смартфон на Apple досега и има неколку револуционерни карактеристики кои не ги поседува ниеден претходен уред на компанијата.

Минатата година се крена огромна фама околу цената на iPhone X, кој чинеше 999 долари, но сега Apple реши да оди еден чекор понатаму и дополнително ја подигна цената на iPhone Xs Max за уште 100 долари, па така секој кој сака да го поседува ова најсовремено парче технологија треба да одвои 1099 долари од џебот.

Цената со себе носи бројни подобрувања, па така купувачите на iPhone Xs Max ќе добијат огромен 6,5-инчен дисплеј со резолуција од 2.688×1.242 пиксели, A12 бионички процесор и значително подобрена камера со нови и побрзи сензори. Моделите Xs и Xs Max ќе бидат водоотпорни и ќе имаат Dual-SIM опција. Нивната продажба ќе започне од 21 септември во продавниците ширум светот, а ќе може да се нарачаат онлајн уште од утре, 14 септември.

Од другата страна, доколку сакате малку позабавен iPhone кој нема да чини толку многу, Apple го претстави моделот XR, кој ќе биде нешто поевтин и ќе биде наменет примарно за помладата генерација. Дизајнот на iPhone XR ќе биде ист како на iPhone X, но тој доаѓа во шест различни бои.

Една од највпечатливите карактеристики на iPhone XR е неговиот LCD дисплеј со резолуција од 1.792×828 пиксели со True Tone технологија која Apple ја нарече „Liquid Retina“. На задниот дел од телефонот има камера со само една леќа која сепак ја има истата моќ како двојните камери на смартфоните на Apple.

Накратко, iPhone XR изгледа како iPhone X, но ги нема сите оние кул карактеристики туку тие се намалени со цел да се намали цената на уредот. Тој ќе биде достапен во шест бои: бела, црна, сина, портокалова, корал и PRODUCT црвена. Неговата цена ќе изнесува 749 долари, а продажбата ќе започне на 28 октомври.