„Апсолутно глупаво барање“ – партиите го закопуваат условот за Бадентер-влада

Извори од партиите брифираат дека условот за Бадентер-влада нема поддршка и се доживува како обид за политичко преживување, а не како реален модел за владеење. Дали ваквите ултиматуми ја враќаат политиката наназад или конечно ја откриваат вистинската состојба на сцената?

од Vladimir Zorba
55 прегледи Фото: Фејсбук/ДУИ

Барањето на Али Ахмети изборот на идна влада да биде врзан со Бадентеровиот принцип, иако пласирано како „заштитен механизам“, во политичките кругови се чита како потег без реална подлога и со минимални шанси да помине.

Според извори од повеќе парламентарни партии, ваквата идеја не се доживува како почетна позиција за разговор, туку како радикално условување што однапред ги затвора сите врати за коалициски договор.

Владини извори брифираат за „Локално“ дека бадентеровиот принцип има јасно дефинирана уставна улога, а тоа е да спречи мајоризација при носење одлуки поврзани со идентитетски и колективни права, но не и да биде алатка за составување влада.

Фото: Локално

Според нив, неговото пренесување во сферата на извршната власт би значело извртување на парламентарниот систем и воведување механизам за блокада, наместо за стабилност.

Истите извори посочуваат дека ваквите барања доаѓаат во момент кога политичката сцена е чувствителна на теми поврзани со економијата, животниот стандард, институционалната нефункционалност и корупцијата.

Наместо одговор на тие прашања, велат тие, повторно се отвораат етнички формули кои, според нив, одамна ја имаат изгубено мобилизирачката моќ кај пошироката јавност.

Дел од партиите оценуваат дека ваквиот настап повеќе личи на обид за одржување политичка релевантност, отколку на сериозен модел за владеење.

Остра оценка за ваквите барања дава и политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, кој во разговор за „Локално“ вели дека станува збор за целосно нереална политичка позиција.

Фото: Фејсбук/Синиша Пекевски

„Барање на политички пензионер кој нема апсолутно никаков допир со реалноста. Барања на човек кој веќе е пензионер и се труди со некакви радикални барања да опстане на политичката сцена. ДУИ иде во историја со него, и ако не се повлече од сцената Али Ахмети ќе ја доживее судбината на СДСМ, ќе станат партија со гласачи кои се мерат во микропромили. Барањата се апсолутно глупави, глупави и целосно глупави кои немаат никаков допир со било каква реалност“, вели Пекевски.

Сумирано, според расположението што доаѓа од партиските штабови, идејата за Бадентеров принцип како услов за избор на влада не се гледа како основа за компромис, туку како политички маневар со ограничен рок.

Б.Т.