Македонија ќе треба да плати над 25 милиони евра оштета заради непочитување на договорот со ОКТА. Пресудата на Арбитражниот суд во Париз е веќе во Владата каде го анализираат француски адвокати. Советникот за енергетика тврди дека адвокатскиот тим успеал да ја преполови оштетата која сосе камати изнесувала нешто над 42 милиони евра.
„Адвокаткиот тим, кој е ангажиран од Владата и не застапува, а тоа е „Дехерт“ од Франција, ја разгледува и ја анализира пресудата. По завршување на тој процес, заедно со Координативното тело кое е задолжено за арбитражните постапки, ќе и предложат на Владата соодветни чекори што ќе се презмат во однос на објавувањето на пресудата“- Виктор Андонов, советник за енергетика.
Ова е реакцијата на владата откако Арбитражниот суд во Париз пресуди земјава да плати висока казна бидејќи во периодот 2008-2011 година го прекршила договорот со Окта и не купувала доволно количини односно по 500.000 тони мазут. Пресудата пред два три дена стиганал во Владата, но први ја објавија грчките медиуми.
Додека Андонов објасни премиерот Ковачевски се воздржа од коментар. Рече дека владата ќе го разгледува случајот и ќе преземе чекори.
Грчките медиуми пак објавија дека парите кои Македонија ќе и ги исплати на Грција ќе бидат искористени за модернизација на нафтоводот Солун Скопје. Нејасно е како вложувањето на отштетата во продуктоводот Солун-Скопје ќе влијае врз сопственоста бидејќи Македонија има 20 % удел во компанијата која стопанисува со продуктоводот, додека Окта односно Хеленик има 80 %. Андонов рече дека за тоа во моментов не се разговара.
Со реакција излезе и ВМРО-НП чиј лидер Љупчо Георгиевски во 1998-ма година беше на чело на владата на ВМРО-ДПМНЕ која ја продаде ОКТА на Хеленик Петролеум со обврска во наредните 20 години, Македонија да увезува по 500 илјади тони мазут годишно, Количини кои беа оценети како преголеми за државата, а и еколошки неприфатливи. Велат казната не е донесена затоа што е потпишан договорот туку затоа што еднострано е раскинат од наша страна. Прстот го вперија во уставниот суд.
-На една година пред истекувањето на петгодишнипот монопол, Уставниот суд се прогласи за надлежен дека може да раскинува меѓународни договори иако низ сите други случаи на меѓународни договори во кои има стапено Македонија се има прогласувано дека е ненадлежен. На тој начин само заради нетрпеливоста да се почека уште една година од договорот која треба да помине, Македонија се доведува во крајно непријатна ситуација.“
Земјава доби тужба од грчката „Хеленик енерџи“ бидејќи не го испочитувала договорот потпишан во 98-ма со кој се обврза во наредните 20 години, секоја година да купува 500 илјади тони нафта. Но, бидејќи количините биле над потребните, обврската не била испочитувана.