Арон Ремзи, Петр Чех и Дани Велбек веќе најавија дека го напуштаат Арсенал по крајот на сезоната, а нив би можеле да ги следат уште неколку играчи од составот на „топџиите“. Англиските медиуми најавуваат големи измени во составот на лондонскиот клуб, а за тоа ќе бидат потребни средства.

Местото помеѓу четирите најдобри тима во Премиер лигата беше загрозено по ремито против Брајтон за време на викендот, па сега најдобра шанса за враќање во Лигата на Шампионите за Арсенал е триумф во Лига Европа.
Со оглед на тоа што Арсенал троши огромни средства на плати за играчите, мора да го расчисти платниот список пред да „нурне“ во трансфер пазарот. А неколку играчи веднаш паѓаат на ум кога се зборува за продажба на актуелни „топџии“.
Според англиските медиуми, Стефан Лихтштајнер ќе го напушти клубот по крајот на сезоната бидејќи реши да не го продолжи договорот, а истото ќе се случи и со Карл Џенкинсон – било да е тоа преку позајмица или перманентен трансфер. На излезна врата се и Мохамед Елнени и Шкодран Мустафи, кои откако пристигнаа не покажаа зошто беа донесени на Емирати. Клубот за нив ќе бара солидна отштета, но сумата не може да биде спектакуларно висока бидејќи двајцата играчи се наоѓаат во прилично лоша форма.
Сепак, најголемите имиња кои се поврзуваат со трансфери се Месут Озил и Хенрик Мкитарјан. Германскиот плејмејкер, кој во најдобрите денови беше дел од генерацијата што го освои Светското првенство 2014, веќе од поодамна не е во прв план кај тренерот Емери, што сугерира дека Арсенал лесно би можел да се откаже од неговите услуги. Од друга страна, Мкитарјан би можел да се врати во Бундес лигата, откако таму имаше неколку успешни сезони во тимот на Борусија Дортмунд.
Кога се работи за играчи кои ќе го засилат клубот, веќе е договорен трансферот на 17-годишниот бразилски напаѓач Габриел Мартинели, а познати се и намерите на Емери за донесување на замена за Арон Ремзи. Една од најсјајните млади ѕвезди во светскиот фудбал, Николас Пепе (Лил), веќе некое време е во радарот на Арсенал, но неговото пристигнување ќе зависи од тоа дали клубот ќе собере доволно пари за да го плати трансферот.