Арсовска да каже зошто Град Скопје му должи на ЈСП над 24 милиони денари, бараат од Управниот одбор

од Nikola Popovski

Управниот одбор на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје ( УО на ЈСП Скопје)  денеска одржа итна седница на која донесе одлука за реакција и демант по однос на денешната изјава во јавност на Градоначалничката на Град Скопје, Арсовска, во која таа ја префрли вината на УО на претпријатието за неисплата на платите на вработените во претпријатието и го повика УО да си поднесе оставка поради овие причини.

-УО на ЈСП Скопје во својот досегашен мандат презеде низа на активности и мерки со кои ги подобри условите за работа и правата на вработените, но нема надлежност за исплата на платите на вработените во претпријатието. Пред неколку месеци УО на ЈСП Скопје беше првиот УО кој ги сослуша репрезентативните синдикални организации во ЈСП и испрати барање до градот Скопје да се усогласат платите во ЈСП Скопје со минималната плата. На седницата присуствуваше и В.Д. Директорот на ЈСП Скопје кој се извини за неоправданото наведување на УО на ЈСП Скопје во официјалното соопштение за медиуми за актуелниве настани во ЈСП Скопје, а согласно член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, УО на ЈСП Скопје бара тоа извинување да биде објавено на истиот начин како и обвинувањето. Навистина е неодговорно, незаконски и на крајот на краиштата нечесно да се вплеткува УО на ЈСП Скопје во актуелниве проблеми и барања на Синдикатите чии изјави ги слушнавме во медиуми, се вели во нивниот демант.

Од таму бараат градоначалничката да каже зошто град Скопје му должи (заклучно со 30.09.2022 год.) на ЈСП Скопје 24 276 526 денари.

-Ги повикуваме надлежните да постапуваат според своите овластувања (Директорот на ЈСП Скопје и Градоначалникот на град Скопје), да понесат одговорност и да си поднесат оставка за настаната состојба. Јавниот интерес и вистината се секогаш на прво место, велат од ЈСП.

Советниците во Град Скопје, на денешната втора вонредна седница, едногласно со 39 гласа ја изгласаа предлог-одлуката за измена на распоредот на средствата во буџетот на град Скопје за 2022 година и предлог-одлуката за измена на одлуката за давање на субвенции на ЈСП „Скопје“ за 2022 година, со што на вработените во претпријатието ќе им се исплати заостанатата септемвриска плата чие доцнење доведе до прекин на јавниот превоз во главниот град.

„Утре на трансакциските сметки на вработените ќе биде исплатена септемвриската плата, што особено ме радува, замислите плата. Ме радува тоа што се обезбедени средства од буџетот на Град Скопје што се обезбедени средства за наредните три плати. Што значи дека ќе нема потреба да чекаме 15 за да им бидат доделени тие средства на вработените“, изјави Миќо Стојановски еден од синдикалните претставници на ЈСП.

Градоначалничката Арсовска вели дека парите што сега се наменети за плати се замена за парите што на јавното претпријатие ги должат Министерството за образование и општините.

Слични содржини