Арсовски: Со блокирање на собранието, опозицијата си прави „мечкина услуга“

од Vladimir Zorba

За политичкиот аналитичар Петар Арсовски повторното неизгласување на законите од петиот пакет антикризни мерки е недозволиво и крајно неодговорно. Вината ја детектира во опозицијата, која на ваков начин според него, си прави „мечкина услуга“.

„Нивната филозофија е дека кога сте во опозиција полошото општество, е всушност подобро”, вели Арсовски.

Оттука како што тврди, нивната единствена надеж е дека за сите негативни последици ќе одговара власта.

„Сметам дека на овој начин зијан ќе бидат само партиите што блокираат, бидејќи ќе им се одрази врз рејтингот”, заклучува Арсовски.

Меѓу основните причини за оваа, но и за други слични ситуации во Парламентот кога не може да се обезбеди кворум за работа, Арсовски го издвојува лошо поставениот систем. Како неопходност ја посочува потребата да се воспостави механизам преку кој пратениците ќе бидат платени според учинок, а не само по функција.

„Треба да се воведе варијабилен дел за плата и тоа по основ на присуство и на она што е сработено”, вели Арсовски.

Најважната причина за тоа зошто пратениците не одговараат за своите постапки дури кога со тоа ги засегаат животите на илјадници граѓани, тој ја детектира во фактот дека и покрај се гласачите не ги казнуваат.

„Рејтингот не им паѓа, а граѓаните повторно ги гласаат”, вели Арсовски.

Остар во оценките на сметка на непродуктивната работа на пратениците е и претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров.

Тврди дека во заднина се затскриваат партиски надмудрувања.

„Опозицијата сака да прави кворум само за овие закони, а власта се обидува да заврши некои други седници за кои опозицијата не сака да им прави кворум”, вели Димитров.

Оттука според него, вака избраниот Парламент е нефункционален и е место за политички игри, а не законодавен дом. Тврди дека е неопходно да се врати стариот изборен модел, каде половина од пратениците би се бирале според мнозинскиот модел, а не според пропорционалниот, каде што вели, „се избираат партиски војници”.

„Срамота е што во овие тешки времиња кога секојдневно се затвораат фирми, а работници остануваат на улица, пратениците одработуваат партиски агенди”, заклучува Димитров.

К.В.С.

loading...

Слични содржини