Лицата кои ќе се најдат на црни списоци од САД и Велика Британија ќе бидат процесуирани и во правниот систем на нашата држава. Ова го предвидуваат измените во Законот за рестриктивни мерки кои пред дена доби зелено светло на владината седница и се очекува да биде поднесен до Собранието. Институцијата предлагач мора да ги испрати сите материјали и докази до Јавното обвинителство. Врз основа на овој закон, е должно веднаш да започне истражна постапка, а доколку истата заврши со поднесување обвинение, тогаш носителот на јавната функција е должен привремено да ја напушти функцијата, до правосилна судска одлука. Но, ако се работи за правни лица, тогаш тие не можат да учествуваат во јавните набавки, доколку има таква одлука, до правосилна одлука на судот.
Од Министерството за правда пак, до владата доставиле негативно мислење во однос на ова прашање. Од таму сметаат дека воведувањето рестриктивни мерки врз основа на правни акти на Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство е во спротивност со уставниот поредок и суверенитетот на Македонија.
Вклучувањето на радарот на Вашингтон за лицата кои во македонското општество биле или се „над законот“, според јавните реакции наиде на голема поддршка во јавноста, а не е ни изненадувачко, со оглед дека беше најавено. Сепак дел од експертите сметаат дека ова што предлага сега Владата е бидејќи се ближат изборите.
-Оваа иницијатива за Закон за рестриктивни мерки има „предизборен вкус“ и длабоко се коси со Уставот и загарантираните човекови права, вели за „Локално“ поранешниот македонски амбасадор и дипломат, Љупчо Арсовски.
Според него, смешните објаснувања на МНР остануваат во сферата на трагично-смешни.
-Државата и правдата имаат доволно инструменти за соодветна реакција и во соработка со земјите кои имаат пракса за забрана на влез која патем како дискреционо право ја има и Република Македонија и ја применува, истакнува соговорникот.
Арсовски вели дека цврсто стои позади ставот на правниците и нагласува дека овој начин не го сретнал никаде до сега, во земјите каде што бил на служба.
Од правната фела велат дека се изненадени и имаат голема резерва околу ваквите измени. Според нив, на овој начин извршната власт упаѓа во судската, смета универзитетскиот професор, Гордан Калајџев. Оценува дека ова е нешто како „револуционерна правда“.
-Ова со законот за „рестрикции“ ми мириса на напад врз уставниот поредок! Без знаменца и будалаштини молам, објави Калајџиев.
Со реакција се огласија и од Македонската асоцијација на новинари и според нив, се насетува можност за сериозна борба против корупцијата, пред сè високата корупција генерирана од или со учество на политички функционери. Законот предвидува потемелни истраги и посериозни казни за корупцијата, за учесниците во корупцијата, како и за одземањето имот стекнат со корупција.
МАН смета дека корупцијата е најголем проблем во Македонија и дека оваа намера со ваков Закон може да даде придонес во борбата против корупцијата, особено ако крајната верзија на законот се формира во соработка со правните експерти, кои имаат долгогодишно искуство во правосудството и правните науки.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју, потенцираше дека соработката со САД, ЕУ и Обединетото кралство на стратешко ниво со овие чекори се продлабочува токму на најважните принципи како што се борбата со криминалот и корупцијата.
-Ние вчера донесовме еден предлог, којшто ќе биде операционализација преку позитивните законски прописи во однос на лицата или правните субјекти коишто се наоѓаат на црната листа или на САД или на Обединетото Кралство, сѐ со цел да може да се отвори простор преку органите на системот, преку правосудните органи да се завршат одредени постапки коишто, пред сѐ, се во функција на јакнењето на борбата против криминалот и корупцијата. И тоа е основата на одлуките и јасниот едногласен израз на политичката волја на Владата, истакна Спасовски.
Спасовски објасни дека преку донесување на вакво законско решение ќе се штити интересот на граѓаните и јавноста, сите постапки коишто ќе значат негова операционализација, како што се забрана за учество во јавни набавки или во политичкиот живот, ќе бидат утврдени со тоа законско решение.
Црната листа на САД, на поранешни и актуелни функционери и бизнисмени осомничени за корупција, непрекинато расте од април 2022 година, кога на неа, најпрво, се најдоа експремиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков. Во јуни годинава следуваше и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а по него бизнисменот Јордан Камчев со неговата мајка Ратка, како и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина. Паралелно и неколку нивни компании беа блокирани. На 5 декември, САД го ставија и поранешниот вицепремиер, Кочо Анѓушев на црна листа поради „значителна корупција“.
Н.П.