Асошиејтед прес: Илјадници Балканци се собраа во Белград за да примат вакцина

од Nikola Popovski
379 прегледи

Илјадници граѓани од соседните земји се собраа во Белград откако српските власти викендов им понудија бесплатна вакцинација на странците против коронавирус, пишува американската новинска агенција Асошиејтед прес.

Агенцијата наведува дека пред центарот за вакцинација на саемот во Белград, денес биле „формирани“ „долги редици“ граѓани на Босна и Херцеговина, Црна Гора и С. Македонија, во присуство на полицијата.

Повеќето соседи на Србија имаат проблем со недостаток на вакцини и едвај почнаа да го имунизираат населението, додека Србија „има доволно залихи и една од највисоките стапки на вакцинација во Европа“, пишува АП, потсетувајќи дека белградската влада донирала вакцини на С. Македонија, Црна Гора и БиХ.

„Критичарите на популистичкиот претседател на Србија, Александар Вучиќ, тврдат дека тој се обидува да го прошири своето влијание на Балканот и да го уништи имиџот на ултранационалистот што го стекнал при крвавиот распад на Југославија. Други велат дека рокот за вакцини АстраЗенека што Србија им ги дава на странците ќе истече наскоро и дека треба да се искористат што е можно побрзо, што сепак не може да се потврди“, наведува АП.

Агенцијата ги пренесува наводите на порталот „Кликс“ за долгите колони возила на граничните премини меѓи БиХ и Србија вчера и за вакцинацијата на бизнисмени од БиХ и Македонија во Белград, откако Српската стопанска комора им понудила 10.000 дози на колегите од регионот.

„Иако повеќе од два милиони луѓе во земјата со седум милиони примија барем една доза на вакцина, Србија бележи значителен пад на бројот на граѓани кои аплицираат за вакцинација. Официјалните лица и лекарите го поврзуваат овој пад на интерес со сè погласното антиваксерско движење и кампања“, додаваат од АП.

Слични содржини