Астероид прелетува покрај Земјата: НАСА откри што ќе се случи ако скршне од својот пат

од Vladimir Zorba

Астероид со големина на комбе би требало да прелета покрај Земјата во наредните часови и тоа ќе биде една од најблиските средби со небесно тело досега забележана, објави американската вселенска агенција НАСА.

Небесното тело наречено 2023 BU ќе стигне до својата најблиска точка до Земјата во петок во 01:27 часот по наше време. Потоа ќе помине покрај јужниот дел на Јужна Америка, на надморска височина од само 3.600 километри. Научниците на НАСА уверуваат дека нема опасност од удар.

За споредба, геостационарните сателити се наоѓаат на околу 35 илјади километри над површината на Земјата, а Меѓународната вселенска станица е оддалечена 400 километри.

Дури и ако 2023 BU се упати кон Земјата, голем дел од него ќе изгори при повторното влегување во атмосферата со оглед на неговиот мал дијаметар од 3,5 до 8,5 метри, соопшти НАСА.

Астероидот беше откриен пред неколку дена од страна на аматерскиот астроном Генадиј Борисов во опсерваторијата Марго на Крим.

Борисов веќе се прослави во 2019 година кога, користејќи домашен телескоп, откри комета која поминала низ Сончевиот систем на пат од длабоката вселена. Оттогаш, кометата се нарекува 2I/Борисов.

Научниците идентификуваа околу 27.000 астероиди во близина на Земјата, вклучувајќи околу 10.000 од нив со дијаметар поголем од 140 метри. Не е познато дали некој од нив се упатува директно кон Земјата во догледна иднина.

Во октомври минатата година, НАСА за прв пат успеа да го промени правецот на движење на астероидот со удар на сонда, што беше првиот обид на човештвото да постави планетарна одбрана.

Слични содржини