„Со два збора: целосна катастрофа. Наместо да ги слушаа моите бесплатни и добронамерни совети, кога велев дека и покрај епскиот и ужасен пораз на локалните избори, тие треба да најдат и да ги пресликаат кадрите како градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски, на Македонска Каменица и Крива Паланка, Соња Стаменковска и Сашо Митовски – кои во своите локални самоуправи, направија разлика, добивајќи ја довербата и легитимитетот директно од граѓаните, најверојатно поради нивните пред се лични квалитети, тие одбраа да настапуваат сосема спротивно – со поставување на кадри од негативната селекција, од тип на колку покомпримитиран во јавноста и податлив за дисквалификација, толку повеќе погоре во хиерархијата“, ваков е ставот на политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски во разговор за „Локално“ за старо-новите избрани кадри во раководството и органите на партијата на СДСМ.
По ваквите одлуки, Атанасоски очекува пад во поддршката за СДСМ.
-Не сакам да верувам дека оваа партија, освен што е претворена во приватна ДООЕЛ фирма на „кланот од Дубаи“, дека веќе е и под целосна контрола на власта и само има задача да глуми опозиција. Никакви промени не може да очекуваме, односно да, ама во негативна насока. Апсолутно ќе има и пад во довербата кај граѓаните и гласачкото тело со ова „ново раководство“.
Aналитичарот не навлегува во шпекулациите во јавноста, за некакви тајни средби меѓу актуелниот пратеник и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, со екс-пратеникот и директор на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, по шпекулациите во јавноста дека биле „партиски елиминирани“.
-Веднаш после епскиот пораз, кажав дека СДСМ нема проблем со смена на Венко Филипче и назначување на Љупчо Николовски, Андреј Петров или Оливер Спасовски за нов лидер. Напротив, кажав дека ќе се продлабочи кризата и партијата ќе тоне. СДСМ како партија, има проблем со егзистенционалниот опстанок и нејзината БСП-изација која неминовно следува. Односно да постане во долг период на маргините на македонската политичка сцена и целосно инфериорна, процес кој веќе и го гледаме, а не само кој што следува. Затоа велев дека им треба целосен ремонт, целосна реорганизација, реструктуирање и нова парадигма. Гледам дека овие луѓе живеат веќе во некоја паранормална реалност и нека им е среќна новата 2026-та година. На наредните избори, очекувам да имаат дополнителен одлив и пад на гласовите од минатите локални избори, односно уште повеќе да го ископаат дното кое го допреа. Се прашувам само, дали и тогаш „ ќе им дојде памет“, или и понатаму вака насмеани ќе се сликаат. За жал, морам да констатирам дека ова преминува во сериозна дијагноза, а не во нормален процес за турнус и промена на структурата во една од двете, некогаш доминантна политичка партија во Македонија, посочи Атанасоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ веднаш упатија големи критики и реагираа дека во ИО на СДСМ се лица како Филип Андов, Јон Фрчкоски, Андреј Жерновски…Соговорникот потенцира дека дека најголемата владејачка партија е „господар на СДСМ“ преку, како што вели, „контролата врз екс-лидерот и премиер со компромати за обвиненија за сериозни индиции за криминал и тешка корупција од милионски размери, а тој пак со неговата „долга рака“ ја има целосно присвоено и приватизирано партијата“.
-Затоа сметам дека односните имиња, свесно и намерно се бирани на „кастинг“, за да бидат потоа медиумски валкани и компромитирани од владејачката партија, и да нема никаква шанса, оваа политичка партија, како ќе одминува времето и ќе се зголемува природно незаводолството од власта, да капитализира со привлекување на гласачкото тело на свое конто, бидејќи токму ваквите и овие кадри , ќе бидат „бабарога“ за јавноста која ќе треба да се одвраќа и ако случајно помисли да гласа за нив, заклучува Атанасоски.

Фото: СДСМ
Екс-министерката за труд и социјала Јована Тренчевска и кандидатот за градоначалник на Аеродром, ортопедот Александар Трајановски се новите потпретседатели на СДСМ. Александар Саша Димитриевиќ останува генерален секретар, а Љупчо Фармаковски организациски секретар на партијата.
Промени и во извршниот комитет на опозициската партија, каде Дејан Николовски, Јон Фрчковски, Петар Огненовиќ се нови, а остануваат досегашните членови Симона Цветановска, Рената Младеновска, Андреј Жерновски. Новоизбраните кадри во раководството и органите на партијата според лидерот Филипче, се тимот што ќе стави крај на политиките на власта.
Новото раководство е комбинација на искусни и млади кадри, потенцираат од „Бихачка“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, во новото раководство на СДСМ се избрани стари кадри одредени од екслидерот Зоран Заев, кој со себе влечат скандали и неуспеси во досегашните политички кариери.
Н.П.