Атанасоски: Изјавата на Мицкоски за кандидатите на Левица во Западна Македонија е дадена во бес, бидејќи де факто партијата на Апасиев ќе порасне и во гласови и во очите на етничкото македонско население

Ако ВЛЕН катастрофално пројде во општините каде што има Левица кандидати, прашањето е дали ќе опстои како коалиција после изборите и дали тоа ќе значи одење на нови предвремени парламентарни избори напролет - вели аналитичарот Атанасоски за „Локално“

од Nikola Popovski
156 прегледи Фото: Левица

„Кој кого политички продава“ – предизборни препукувања на партиската сцена. Откако Левица истакна кандидати за Струга, Тетово и Гостивар, коалицијата ВЛЕН обвинува дека ДУИ ја продава Струга на Левица. Изет Меџити, за косовски медиум ја критикуваше ДУИ за „соработката“ со Левица,  и ја нарече „сојуз на срамот“ и „црна коалиција“ која, како што рече, претставува предавство кон Албанците и евроатлантската ориентација на државата. Се вклучи и премиерот Христијан Мицкоски. Вели дека шансите за да победи кандидатот за градоначалник на Левица во Тетово, Гостивар или во Струга не се ниту теоретски, но, доколку би извадиле кандидат за градоначалник во Велес или во Штип шансите се на ниво на теорија. Смета дека Левица ѝ „фрла гума за спасување“ на ДУИ. Оценува дека е координиран чекор со ДУИ за да дојде до раслојување на „анти-ДУИ“ гласовите во тие општини.

Кој на кого му прави „услуга“?

За дел од јавноста во најмала рака е дегутантно да обвинувате некого кој кандидирал свои кандидати во одредени општини. Според политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски, секоја партија и коалиција во една демократија има право да кандидидира кого сака, согласно законските можности кои и го дозволуваат тоа. Смета дека, веројатно, изјавата на премиерот е дадена во бес, бидејќи де факто со кандидирање на кандидати за градоначалници на Левица во општините во западна Македонија, каде што немаат свои кандидати ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ, Левица ќе порасне и во гласови и во очите на етничкомакедонското население, за сметка на двете доминантни партии од т.н македонски блок.

Благојче Атанасоски/Фото: Локално

-Од друга страна, не се прави толку услуга на ДУИ, колку штета на ВЛЕН во евентуалната победа во овие градови, бидејќи секако ДУИ ќе биде апсолутен победник на советничките листи и во поголем број на општини. Но ако ВЛЕН катастрофално пројде и со градоначалници во овие општини каде што има Левица кандидати, прашањето е дали ќе опстои како коалиција после изборите и дали тој евентуален распад на ВЛЕН ќе значи одење на нови предвремени парламентарни избори напролет на кои ДУИ согласно резултатите ќе треба да се враќа на голема врата во Владата, истакнува Атанасоски за „Локално“.

Запрашан дали смета дека реално е возможна соработка меѓу Левица и ДУИ иако двете партии се две крајни спротивности, соговорникот е категоричен дека не е можно такво нешто.

-Станува збор за внатрешни партиски калкулации на Левица да си го зголеми гласачкиот потенцијал и во Западна Македонија и низ републиката. Апсолутно овие две партии се на крајните спротиставени ставови со отворена омраза помеѓу нив. Во Македонија точно е дека сите коалицирале меѓу интерес, се покажало тоа во овие 35 години на повеќе партиска демократија, но отворена соработка меѓу Левица и ДУИ е невозможна, бидејќи значително ќе влијае на нивниот партиски рејтинг и врз нивното гласачко тело, оценува Атанасоски.

Иако поминати се десетици изборни циклуси, во земјава се уште се прават „дилови“ на етничка карта и очигледно дека тука нема да застанат. Атанасоски очекува таквата практика да продолжи.

-Станува збор за лицемерието на сите партии и од таканаречените македонски и албански политички блокови, бидејќи на крајот на денот на сите партии/раководства им е примарен нивниот интерес да ја освојат власта, а потоа истата да ја злоупотребуваат за лично богатење и лични привилегии, заклучува аналитичарот.

Христијан Мицкоски со Биљал Касами

Според ВЛЕН, „ова е најсилниот доказ дека ДУИ е подготвена да згази на сè, само за да остане релевантна на сцената“. За нив, моќта е поважна од достоинството на Албанците, сомнителните зделки со албанофобите вредат повеќе од иднината на стружани“, велат од владеачката коалиција составена од неколку партии од албанскиот блок во земјава.

ДУИ реплицира дека „ВЛЕН“ е проект на Мицкоски и дека „тој е свесен дека ќе ги изгуби изборите“ и како што велат интегративците, „го фаќа паника“.

Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека лидерот и пратеник Димитар Апасиев од левичарска и работничка партија, ја претвори Левица во елитистичка партија со која гази врз сопствените членови. Убедени се во победа на изборите укажувајќи дека со централна власт за една година може да се работи многу поактивно.

Тоа пак што ВМРО-ДПМНЕ ќе ги подржи кандидатите на ВЛЕН во одредени општини, за Левица е капитулација на ВМРО-ДПМНЕ пред, како што велат, иредентистичкиот притисок.

„Мицкоски треба конечно да сфати дека граѓаните не се наивни и не постојат за да му ја потврдат партиската агенда. Македонија не е нивна сопственост и не може да се разменува по тајни договори“, велат од Левица.