Атанасоски: Таравари не е „фактор Х“ за предвремени парламентарни избори, ДУИ се уште е проектирана како политичка „баба рога“

Доколку има предвремени парламентарни избори ќе биде одлука на изборот на власта за да спречи поголем одлив на гласови, не поради евентуално излегување на Таравари, вели аналитичарот Атанасоски за „Локално“

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Останува ли Арбен Таравари во Владата на Христијан Мицкоски или, сепак ќе ја напушти поради контактите со ДУИ и Али Ахмети? Одговорот ќе се знае денеска после 17 часот, откако претседателот на Владата најави средба со неговиот министер за здравство в понеделник. На неа, премиерот ќе бара дециден одговор во која насока оди коалицискиот партнер Алијанса за Албанците. Вели дека е неприфатливо ако Таравари одлучи да поддржи кандидати на ДУИ на локалните избори и почне да соработува со партијата од Мала Речица. „Имаме редовна, дневна комуникација со Тараварје како колеги во владата. Утре ќе имаме состанок на кој сакам јасно да слушнам дали е вистина дека постои договор меѓу партијата на Тараварје и ДУИ дека во најмалку пет или шест општини ДУИ нема да има свои кандидати за градоначалник. За мене, како премиер, ова е неприфатливо“, рече вчера Мицкоски.

Што може да се очекува од средбата?

За дел од познавачите на состојбите, барем засега и во овој даден политички момент, не се очекува враќање на Ахмети на „мала врата“ во Владата. Според аналитичарот Благојче Атанасоски, со самото тоа што ДУИ се уште е проектирана како политичка „баба рога“, не само за власта, туку и за македонскиот политички простор, не може да биде партиципиент во владата.

-Ова е политички индивидуален чекор на Таравари, согласно неговите политички комбинаторики и математики, смета Атанасоски во разговор за „Локално“.

Оценува дека евентуалното излегување на Таравари од владините редови нема да предизвика потрес во власта, бидејќи според него, ова владеачко мнозинство е составено од 78 пратеници, така што неколку пратеници помалку (4-5) не може да предизвикаат криза во владините редови.

-Повеќе може да предизвикаат политички реакции во т.н албански политички блок, што ќе се рефлектира на идните локални избори и изборниот резултат во средините со доминантно албанско население, посочува соговорникот.

Следствено на тоа, доколку има предвремени парламентарни избори, Атанасоски смета дека ќе биде одлука на изборот на власта за да спречи поголем одлив на гласови, не поради евентуално излегување на Таравари од власта.

-Така што таа одлука, дали министерот за здравство ќе продолжи да биде дел од владејачката гарнитура или ќе оди во опозиција, не е фактор Х кој ќе детектира дали ќе се случат предвремени парламентарни избори, заедно со локалните, тврди политичкиот аналитичар.

Таравари во моментов е ни таму ни ваму. За да соработува и да добие поддршка од Европскиот фронт предводен од ДУИ, ќе биде важен и ставот на Зијадин Села, претседател на другото крило на Алијанса за Албанците, кое е дел од фронтот и опонент на Таравари. Во интервју за МРТ2, Села порача дека нивната партиска врата останува отворена, но само за членови на АА. „За членовите на Алијанса за Албанците кои отидоа кај Таравари вратата останува отворена, но не и за Таравари!“, дециден беше Села, објаснувајќи дека разликите меѓу нив не се само политички, туку и морални. Според Села, враќање или сојуз со Таравари би претставувало „екстремен неморал“, бидејќи поделбата во партијата не била само прашање на стратегии или моментални интереси, туку длабока последица на политичкиот пристап и принципи.

Предводникот на едното крило на Алијансата за Албанците вчера реагираше преку Фејсбук во врска со политичките случувања. Тој вели дека неговата партија ја сфаќа судбината на луѓето посериозно отколку другите и става до знаење дека АА не презема никакви потези за задоволство или гнев на никого. „Изјавуваме дека ја гледаме судбината на овој народ посериозно отколку само конкретни имиња и дека сме ослободени од нивните комплекси, кои се трансформирале во Едипов комплекс. Ние не правиме никакви потези за ничие задоволство или лутина! Дури и оние што даваат пророштва во наше име, како Баба Ванѓа, треба да се занимаваат со пообјективни работи отколку со „предвидување на иднината“. Ние не сме ниту такси што нè користат за превоз, а потоа ни ги одземаат клучевите, ниту чамец за спасување за имиња и презимиња. Ние сме Алијансата за Албанците, работиме само во интерес на народот“, се вели во реакцијата на Таравари.

Вчера се огласи и пратеникот на коалицијата ВЛЕН, кој неофицијално се предвидување координатор на нивната пратеничка група, Беким Ќоку. Тој преку објава повторно ја нападна ДУИ и тенденциите на останатите партии за соработка со овој политички субјект. Според него, „денешните редови на ДУИ повеќе не се политичка партија во вистинска смисла на зборот, туку структура зафатена од организиран криминал, корупција, кражба и политички неморал“. „Нема друга албанска партија во целиот автохтон балкански простор што го достигнала ова ниво на компромис и дегенерација. Оваа ситуација, за жал, претставува сериозна пречка за секој искрен напор за меѓупартиска координација и соработка по големи национални прашања. ДУИ не само што го изгуби својот политички кредибилитет, туку и својот морален и национален кредибилитет. По сите овие години афери, злосторства, убиства и скандали, денес повеќе од кога било е јасно дека приоритет на нејзиниот лидер не е општиот интерес, туку личната и семејната добивка. Али Ахмети е спремен да ја жртвува секоја вредност и заеднички интерес за заштита на неговото најблиско семејство. Затоа, секој што соработува со ваков ДУИ не може да се рече дека не знаел или дека е наивен – тој е соучесник во самиот криминал, за лични или клански интереси“, посочи пратеникот во објава на социјалните мрежи.

И додека шефот на интегративците Ахмети се заканува дека ќе излезе на протести, премиерот Мицкоски му порачува да не живее во минатото, туку да гледа во иднината и да направи реформи во својата партија. Лидерот на социјалдемократите Филипче не смета дека правото на протест треба да биде злоупотребено во политички цели. За односот на Таравари со ВЛЕН и Мицкоски вели дека има знаци оти коалицијата е нестабилна. Ахмети се закани дека интегративците ќе ги однесе на протест доколку екс-министерот за економија, Крешник Бектеши се најде на обвинителна клупа за пожарот во дискотеката во Кочани. Неговите закани ги осудија и политичките партии во земјава.

Н.П.

Слични содржини