Многу реакции во јавноста предизвика одлуката на лидерот на СДСМ, Венко Филипче да не го поддржи за втор последователен мандат, актуелниот градоначалник на Општина Струмица, Костадин Костадинов и да оди со друго партиско решение. За дел од експертите, одлуката е контроверзна и ќе се одрази на рејтингот на партијата. Според политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски, во суштина станува збор за класична политичка елиминација на „кланот Заеви“ од Дубаи, кои вели дека СДСМ ја имаат сведено на една од своите многубројни приватни фирми. Како што вели Атанасоски, „таканаречениот претседател на СДСМ е само измеќар – извршител на желбите и потребите на „горњомилановачкиот трговец“, сега почесен граѓанин на Дубаи со Златна виза“.
-Жално е што еден од најуспешните градоначалници на оваа партија беше така политички егзекутиран и заменет со едно бледо политичко лице, за кое од она што сме го виделе во неговиот беден политички живот, има коефициент на интелигенција колку потполошка и не знае разговорно да се изразува. Затоа сметам дека ова е прелиминарен договор меѓу побратимите од Струмица меѓу двете доминантни политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, овој пат Општина Струмица да биде предадена без борба во рацете на ВМРО после 20 години социјалдемократска власт. Тие сметки очигледно, може да ги помати актуелниот градоначалникот Костадинов, кој најави дека сериозно размислува да се кандидира барајќи ја поддршката од граѓаните и покрај тоа што нема да биде номинален кандидат на неговата матична партија СДСМ, вели Атанасоски во разговор за „Локално“.
По ова, преку објава на својот официјален профил, Костадинов соопшти дека го замрзнува своето членство во СДСМ, истакнувајќи дека не прифаќа да биде дел од партијата под актуелното раководство. Најави дека во следните месеци, ќе започне со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори. Не исклучува да трча како независен кандидат. Од друга страна и екс-градоначалникот Саша Богдановиќ дополнително ја отвори внатрепартиската дебата во СДСМ. Вели дека актуелниот градоначалник Горан Герасимовски ќе изгуби во Центар и дека тој лично добил понуда за да се зачлени во ЗНАМ. Дали ваквите случувања водат во правец дека СДСМ може да го снајде судбината на грчки Пасок, како тврдеа од останатите партии…Според Атанасоски, што се однесува до екс-градоначалникот од СДСМ во Општина Центар, кој, вели дека „бесрамно се нуди да биде кандидат на ЗНАМ, како прокси-кандидат на ВМРО – ДПМНЕ, не треба да се трошат многу зборови, односно и еден покоен Амди Бајрам се превртува в гроб – народски кажано“.
-Таква мизерија, бескрупулозност и алчност за позиции, да бидете кандидат на спротивната опција која во минатото сте ја поразиле, а сега молите за поддршка за да го поразите кандидатот од вашата поранешна матична партија е морално дно, кое дури и за македонски политички услови е сепак премногу дрско и безобразно. Најдобар пример за каков профил на опскурен лик станува збор е неговото еклатантно лажење во поткаст кај еден познат наш новинар. Е, тој човек повторно сака да ја води Општина Центар. Што се однесува до констатацијата дека актуелниот градоначалник на Општина Центар ќе ги загуби изборите, најмалку тој е меродавен да го каже тоа, напротив ќе го кажат граѓаните на изборите во Општина Центар и сметам дека токму градоначалникот Герасимовски има најдобар рејтинг и најдобра поддршка од сите актуелни социјал-демократски градоначалници, без ниту една афера зад себе, со инклузивна политика во која се инкорпорирани барањата и потребите на сите граѓани без разлика на нивната партиска, етничка или било која друга припадност, тврди Атанасоски.
Дали ова значи ПАСОК-изација на СДСМ, соговорникот вели може да се каже, но потенцира дека партијата ја водат поранешни високи партиски функционери (поранешниот лидер и премиер), кон актуелниот градоначалник на Струмица и поранешниот градоначалник на Центар кон актуелниот веројатно пуштен од други „подземни центри“ на моќ, за да се раздроби гласачкото тело на СДСМ и во Општина Центар.
-На крајот на денот, граѓаните се тие кои ќе ја донесат својата одлука, посочува аналитичарот.
Кандидатот за Струмица беше најголемо изненадување во јавноста, бидејќи не беше актуелниот градоначалник. „Во Струмица кандидат за градоначалник ќе биде претседателот на општинската организација Марјан Даскаловски“, порача Филипче. Зошто дојде до ваков развој на настаните пред локалните избори, засега останува нејасно, но претседателот на социјалдемократите на вчерашната прес-конференција увери дека кандидатите се избрани по спроведени анкети.
„И овој процес на селекција, исто како и претходниот, ги следеше истите критериуми, анализа на резултатите од анкетите, разговори со бројни членови на општинските организации, навистина инклузивен процес кој вклучи многу луѓе кои придонесоа со свои предлози, а потоа и со селекцијата на кандидатите за градоначалници“, рече кратко лидерот на СДСМ.
Н.П.