Атанасов за македонските евроинтеграции: Mицкоски меша две приказни – едната е онаа за бугарско-македонските односи и повеќекратната промена на позицијата на Софија

Атанасов: Европскиот став за прашањето за вклучување на Бугарите во македонскиот Устав не е резултат на егоизам - во очите на Европејците, постигнатите договори не треба да се ревидираат затоа што дел од нив престанале да изгледаат прифатливи за некого

од Nikola Popovski
76 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

„Премиерот да каже која идентитетска одредница е загрозена со ставањето на Бугарите во Уставот“ – бараат од опозицијата. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче смета дека првиот човек во Владата треба да појасни и што е тоа што го направила опозицијата, а изгледа како предавство на македонските национални интереси. Од партијата на „Бихаќка“ прашаа и зошто власта не ги поништи Преспанскиот и договорот за добрососедство со Бугарија, бидејќи од опозиција тврделе дека се штетни за државава.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, пак со став – опозициската СДСМ се однесува како општинска организација на бугарска партија и со својата реторика сака да им се допадне на бугарските политичари. Премиерот прогнозира дека по следните парламентарни избори, СДСМ ќе стане маргинална партија.

По однос на македонските евроинтеграции власта и опозицијата со години делат спротивставени мислења. СДСМ инсистира внесување на бугарското малцинство во Уставот како излез од евроинтегративниот ќорсокак, додека ВМРО-ДПМНЕ опстојува на ставот дека уставни измени нема да се случат без предвидливост, гаранции и реципроцитет во односите.

Од друга страна, со став излегоа и од официјална Софија по повод изјавата на премиерот дека можеме да чекаме и со децении за промена на Уставот и дека „нема да се влегува во авантура без јасен крај“. Според в.д. заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија, Марин Рајков, „очигледно одредени кругови во Скопје се склони да губат повеќе време на македонските граѓани“. Заменик-министерот бил категоричен дека недостатокот на реални гаранции за бугарската заедница е клучниот проблем во односите со Скопје и во процесот на европска интеграција. Тој порачал дека промената на македонскиот Устав е основен услов за напредок во преговорите. За Рајков, проблемот не треба да се гледа како билатерален меѓу Софија и Скопје, туку во контекст на обврските кон ЕУ.

Како бугарската јавност гледа на ваквите пораки од македонскиот државен врв? Бугарскиот професор Димитар Атанасов, кој воедно е и историчар во Институтот за етнологија и фолклористика при Бугарската академија на науките (БАН), потсетува дека македонското Собрание во летото 2022 година го усвои таканаречениот француски предлог, според кој вклучувањето на Бугарите во Уставот беше земено како обврска.

Претходно споделив дека според мене ова барање на бугарската страна е многу проблематично, но во секој случај беше усвоено и во Софија и во Скопјe, поради што е ова сегашната политичка рамка. Се плашам дека премиерот на Северна Македонија меша два приказни. Едната за бугарско-македонските односи и повеќекратната промена на бугарската позиција. Со горчина ќе признаам дека однесувањето на бугарската дипломатија беше далеку од стандардите. Прво – тонот кон македонската страна беше неприфатлив. Поставувањето услови во императивна форма е многу загрижувачко. Промената на преговарачките основи – бугарските влади и поранешниот претседател Румен Радев го направија тоа неколку пати – не е сигнал за институционална конзистентност и разум, туку спротивното.

Бугарските институции, обидувајќи се речиси еднострано да ја диктираат содржината на преговарачкиот процес и неговите одлуки, не создадоа чувство на стабилност и конструктивност, туку напротив. Институциите како целина треба да придонесат за уредување на светот, за постигнување ред и извлекување од примарниот хаос. Организацијата има за цел да им го олесни животот на општествата и да им обезбеди удобност, безбедност и услови за напредок. Можам да кажам дека оние кои беа вклучени во дебатата од бугарска страна направија токму спротивното – тие решија да ги променат предметите на договор во лет и да придонесат за дезорганизација на преговарачкиот процес во сите негови аспекти. Ни остана впечаток дека некој намерно ги попречува напорите за разбирање со воведување нови услови, откако веќе е постигнат кревок договор за претходно поставените. Овој наратив создава нормалност од хаосот и воведува сила како главна сила, а не закон, логика и толеранција базирана на вредности. Пристап својствен на предмодерните општества, каде што помоќниот преовладува преку сила, а законот е на страната на оној кој ги користи средствата за насилство, вели Атанасов во разговор за „Локално“.

Соговорникот потенцира дека таквата непостојаност, зад која е очигледна и злонамерноста, е својствена за нашата балканска дипломатија. Како што вели, за еден Европеец, таквото однесување изгледа незрело и срамно.

-Наративот на европската политика за бугарско-македонските односи е фундаментално различен. Не се заснова на желбата да се надвладее другиот, понекогаш направено надвор од разбирањето на прифатлив тон и пристојност, туку на идејата за создавање трајни договори што нè ослободуваат од одговорноста за изработка на нови договори во секој случај. Таквиот пристап создава предвидливост и го структурира светот во логика. Дипломатите на Европската Унија работат токму за ова – за каузата на рационалноста и проследливото значење, што создава нормалност од аранжманот.

Европската позиција за прашањето за вклучување на Бугарите во уставот на Република Македонија не е резултат на егоизам. Одбивањето да се дебатира за прашањето не е тврдоглавост. Во очите на Европеецот, постигнатите договори не треба да се ревидираат затоа што некој дел од нив престанал да изгледа прифатлив за некого. Откако ќе има институционализирана санкција, таа мора да се примени без обиди да се избегне. Секој обид да се избегнат ефектите од даден договор се смета за манифестација на инфантилно разгалување, истакнува историчарот.

Атанасов нагласува дека институциите на Европската Унија не се „воспитувачи во градинка“. Според него, европските дипломати не си дозволуваат да вршат притисок.

-Малку е веројатно дека ќе го сторат тоа во случајот со македонските преговори за пристапување кон Европската Унија. Време е нашите две земји да престанат да вршат притисок една врз друга – директно или индиректно. Многу изгубивме од она што се случи. Време е да се обидеме да победиме.

Се плашам дека зад ова мешање приказни за начините на кои функционираат односите во Европа и нашите балкански односи, не стои недоразбирање, туку желба од страна на македонските власти да го зачуваат статус квото. Во оваа фаза, парламентарното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ функционира добро и во корист на владејачката партија. Нема значајни скандали што ја загрозуваат Владата, посочува Атанасов и додава:

Во оваа фаза, можеме да заклучиме дека премиерот Мицкоски се чувствува добро во контекст на не особено остра антибугарска реторика, која од време на време се разгорува во форма на ненадејни врвови. Тоа му донесе победа на последните парламентарни избори и се чини дека му гарантира останување на власт до крајот на мандатот, доколку кабинетот не направи преголема грешка. Нема да ги пропуштам заслугите на третата влада на Бојко Борисов и неговите национал-популистички партнери од ВМРО во овој поглед: ветото што го наметнаа успеа трајно да ја влоши сликата за Бугарија и Бугарите во очите на македонските граѓани. Во моментов, ситуацијата им одговара на сите.

Парадоксално, таквата неактивност, мотивирана од погрешно идентификување на европскиот политички наратив преку бугарската рамка, е во служба и на прилично ослабената опозиција – европскиот пат беше нивната главна порака. Во сегашната ситуација, тие немаат капацитет да го бранат како свој, а одбивањето на владејачката партија да го води во своја насока го остава само како елемент на нивниот политички бренд, потенцира професорот и додава:

Не би сакал да навлегувам во теренот на деталите и да ги разоткривам причините за оваа очигледна конфузија на европската перспектива со онаа на бугарската страна, бидејќи разговорот неизбежно ќе се прелее и на други играчи, од кои некои се глобални. Важно е да се напомене дека претстојните парламентарни избори во Унгарија би можеле да влијаат на ситуацијата во Северна Македонија. Знаеме дека Никола Груевски е сè уште почесен затвореник во Будимпешта. Ако Орбан изгуби, а ова се чини дека е најверојатното сценарио, новата влада би можела да ги ревидира своите односи не само со Европската Унија, Русија, Украина и САД, туку и со Вучиќ (вклучувајќи ги и односите што се надвор од јавната сфера) и со Скопјe.

За соговорникот од Бугарија, постојат најмалку две опции за стабилност на Македонија – репродукција на статус-квото и стабилократија од типот на режимот во Белград или европеизација и постепено поместување на корупцијата и влијанието на задкулисните структури од јавниот и политичкиот живот на земјата.

-Ниту еден избор не е сосема точен. Едната го води Скопје во кругот на Трамп, Путин и други лидери чие друштво не е многу авторитетно. Другата укажува на Брисел, Берлин, Париз. Со едната, ќе се подигне висок ѕид на местото на сегашната граница по должината на Осогово. Другата ќе нè доведе до фактичко укинување на границата, како што ни го оставија лидерите на поранешната ВМРО.

Ситуацијата, се разбира, не е толку едноставна. Ќе споменам само дека изборот на европски идентитет не е недвосмислен и не води кон решавање на сите проблеми. Ние, Бугарите, сакавме да бидеме членки на Европската Унија. Станавме дел од Шенген, од Еврозоната. Многу работи веќе зависат од нас, но сè уште не ни е јасно како да ги искористиме овие дадени можности. Не сме постигнале хармонија со самите себе. Не сме формулирале како сакаме да изгледаме за 10 и 20 години. Не се сомневајте дека слични тешкотии со идентитетот ја очекуваат и РСМ ако ја избере Европа. Напротив – не ја очекуваат такви тешки одлуки како во кругот на диктаторите, каде што сè е однапред одлучено, а од малите се очекува само да се покоруваат, заклучува бугарскиот професор.

Н.П.

Слични содржини