Атанасовски: Се наметнаа националистички гледишта дека целата историја на Балканот е „бугарска“, што не кореспондира со реалноста

од Vladimir Zorba

По усогласените препораки на македонско-бугарската Комисија за историски прашања, од „Национален круг За Македонија“ вчера соопштија дека „колегите во Скопје официјално го признаа очигледното“.

„Победа за бугарската историска наука! Двегодишната битка за одбрана на бугарската позиција во однос на историските спорови со Северна Македонија стигна до првата победа!, се вели во изјавата на платформата, од која дел се неколку професори.

Проф. Д-р Александар Атанасовски, кој е редовен професор на Филозофски факултет-Скопје, Институт за историја, специјалист за Византологија и средновековна историја во разговор за „Локално“ појаснува дека во оваа ситуација станува збор за „победа“ на бугарската негаторска политика кон Македонија и сѐ што е македонско.

-Не станува збор за победа на бугарската историска наука, овде станува збор за „победа“ на бугарската негаторска политика кон Македонија и сѐ што е македонско. Така наречената Комисија за историски прашања е некомпетентна да донесува заклучоци за античката и средновековната историја. Во неа нема членови што се занимаваат со тој дел од историјата. Токму тоа го искористи бугарскиот дел од Комисијата и ги наметна нивните националистички гледишта дека целата историја на Балканот е „бугарска“, што не кореспондира со реалноста, смета тој.

Според него, формулациите за заедничко чествување на личности од средновековието и препораките за менување на учебниците „не се темелат на издржани историски факти“.

-Светите Кирил и Методиј својата дејност ја вршеле со цел спречување на ширењето на бугарската држава кон Македонија и кон Панонија и да го минимизираат бугарско-германскиот сојуз склучен во 845 година. Тие не биле никакви „Бугари“ туку „Солунјани кои чисто словенски беседујат“ во служба, првин на византискиот двор, а по 869 година на Папата. Нивната азбука по нивната смрт не била прифатена во денешните бугарски територии, таму била воведена кирилицата по 893 година. Глаголицата останала во употреба во Охридската книжевна школа на Св. Климент Охридски, појаснува професорот.

Атанасовски е дециден дека препораките за Св. Климент и Св. Наум, со некои корекции, „може да се прифатат“.

-Треба да стои дека кога дошле во Белград од тамошните бугарски власти биле сметани за „туѓинци“ и управникот ги испратил „туѓинците“ кај кнезот Борис кој што жадувал за такви учени луѓе, значи не биле Бугари, но по нивното пристигнување во Бугарија дејствувале во полза на бугарскиот двор, вели тој, додавајќи дека нивната дејност се одвивала на територијата на денешна Македонија, која тогаш се наоѓала под бугарска власт.

-Делот за Самуил е целосно извртен и не соодветствува на вистината. Точно е само дека стоел на чело на голема средновековна држава, ама на таа држава само бугарските историчари и даваат етнички предзнак „бугарска“. Има историчари што ја сметаат за „Словенско кралство во Македонија“. Според византиските извори таа држава настанала по пат на „апостасија“ (отпаѓање) од бугарската држава по смртта на царот Петар (30. 01. 969). Бугарската држава и црква биле ликвидирани во 971 година, но државата на Самуил и неговите браќа продолжила да егзистира. Дел од денешните територии на Бугарија влегле во составот на таа држава после 976 година. Може да се прифати дека тој бил цар и на Бугарите, ама тој не бил Бугарин. Најисправно би било неговата држава да се именува како „Самуилова држава“ без да се дава етнички предзнак, подвлекува професорот.

Тој и негови колеги реагирала за Протоколот потпишан меѓу двете земји, вели Атанасовски, појаснувајќи дека власта ги игнорирала нивните мислења во однос на тоа дека Протоколот, кој е и составен дел на Преговарачката рамка, Бугарија може да го користи за уцени и блокирање на евроинтеграциските прооцеси.

-Секако дека Бугарија ќе ги користи одредбите за уцени и блокирање на евроинтеграциските процеси на Македонија и нема да дозволи влез на Македонија во ЕУ додека не се откажеме од јазикот, историјата, културата, името и не ги прифатиме нивните колонијални барања, тврди тој

На прашањето дали овие решенија водат кон нормализирање и унапредување на соработката меѓу двата народа и двете држави, што е наш заеднички интерес, Атанасовски е убеден дека решенијата „водат до поголема недоверба, омраза и нарушување на досегашните односи“

– Овие решенија не водат кон нормализација и унапредување на соработката меѓу двата народа и држави, напротив водат до поголема недоверба, омраза и нарушување на досегашните односи. Ние и пред 2017 година имавме добрососедски односи, после тој договор односите се нарушија и недовербата порасна, вели професорот.

Б.М.

Слични содржини