Аваја: Неформалната економија до пред некоја година беше единствениот приход на едно ромско семејство

од Берта Китинска

Дискриминација кон Ромите во нашата држава е присутна и тоа во најразлични институции, меѓутоа гледајќи ја статистиката на поднесени претставки кај народниот правобранител или конкретни случаеви и секојдневни случувања, можат да се истакнат неколку области каде што е најчеста веројатноста дека Ромите се соочиле со дискриминација.

– Бидејќи проблемот со лицата без документи се решаваше повеќе од 10 години, а и осврнувајќи се на дебатите на таа тема може да се каже дека институциите поврзани со оваа тематика споро го препознаваа овој проблем. Ваквото одбивање да се разбере проблематиката не се нарекува директно дискриминација, меѓутоа европскиот термин за институционална пасивност во решавање на еден таков проблем се нарекува антициганизам.Антициганизмот е историски конструиран расизам кои се состои од стереотипизирана перцепција за ромската заедница која доведува до дискриминација и други практики со деградирачки ефект велат од Граѓанската иницијатива „Аваја“.

Според статистиката од вкупно 1240 претставки поднесени од Роми кај народниот правобранител во период од 2008 до септември 2018 година најголем број се во областа на социјалната сигурност и заштита, правосудството и здравствената заштита.

Од  граѓанската иницијатива велат дека овој податок индиректно ја прикажува и состојбата дека институциите во овие области се и оние кои имаат најголема тенденција кон дискриминирање на ромската заедница.

-Неминовно да се напомене е споделеното искуство од граѓаните Роми дека тенденцијата кон дискриминација од страна на институција е помала онаму каде што има вработени Роми. На овој начин во таа институција се надминуваат и јазичните бариери доколку постојат, но и довербата кон самите институции од стана на граѓаните Роми е на повисоко ниво. Затоа како приоритетно барање, ние во нашите излагања често го наведуваме податокот дека Ромите треба да бидат правично и соодветно застапени во државната и јавната администрација. На овој начин не само што се исполнува принципот на правична застапеност, тука се работи и на намалување на дискриминацијата, велат од Аваја.

Од граѓанската иницијатива велат дека погоелмиот од ромското население немаат образование и поради тоа се невработени, но податоците и практичните случаеви од вработеноста во државната и јавна администрација, како и во приватниот сектор укажуваат на различна ситуација.

-Во државната и јавната администрација се укажува на најчеста злоупотреба во декларирањето на етничката припадност, која што е нотирано во Народниот правобранител, каде што припадници од другите етнички заедници се декларираат како Роми. Исто така, нееднаквиот третман во јавниот и државниот сектор исто така се забележува во однос на раководните позиции, но и во презастапеноста на Ромите во јавните комунални претпријатија.

Ситуацијата во приватниот сектор во последните години областа вработување започна да се менува. Пред 15 години вработувањето на Ром/ка во приватна фирма беше ретко остварливо, па затоа и самите Роми најчесто се занимаваа со неформална економија. Неформалната економија сеуште присутна кај Ромската заедница] беше единствениот приход на едно ромско семејство.

Работите започнаа да се менуваат со потребата од работна сила, пред се потребата од хигиеничари/ки, нега на лица и други професии, бидејќи во нашата држава започнаа да се основаат и социјални претпријатија каде што овие лица активно придонесуваат во економијата. Во последен период, особено се забележува недостатокот на работна сила во маркет, услужни дејности, текстилни компании при што голем број на Роми се вработуваат во овие сектори, велат од Аваја.

Оттаму додаваат дека во текот на Ковид 19 кризата, имаат добие  неколку претставки во однос на таргетирано отпуштање на Роми од услужни дејности и фабрики за текстил, како и ситуации каде што работодавците ги менуваа договорите на вработените, и ги вработуваа со скратено работно време.

-Првиот Закон за спречување и заштита од дискриминација имал недостатоци кои се подобрени со донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација во Март 2019 година. Во однос на Ромите една од главните предности на законот беше тоа што сегрегацијата беше признаена како посебна форма на дискриминација во самиот закон. Меѓутоа, тоа што недостасуваше за целосна имплементација на законот беше формирање на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Оттука, се забележува дека само правната формулација на законот беше добра, но не и имплементацијата на самиот закон. Меѓутоа поради процедурални причини Уставниот Суд одлучи овој закон да го укине и тоа во време на пандемија во Мај месец оваа година. Со оваа одлука заштитата од дискриминација е сведена на многу ниско ниво. Воедно, тоа што недостасува во нашиот систем на заштита општо е и поголемо разбирање на тематиката дискриминација од страна на сите инволвирани страни, велат од здружението.

Оттаму велат дека дискриминацијата е очигледен проблем со кој се соочува ромската заедница и дека во најбрз можен рок очекуваа законот за спречување и заштита од дискриминација да се изгласа со ист или и подобар квалитет од претходниот и конечно да се формира Комисија за спречување и заштита од дискриминација. Само на овој начин ќе може да се говори за првична заштита од дискриминација.

Б.М.

Слични содржини