Австрија утре влегува во втората фаза од борбата против коронавирусот, што ќе биде пресудно, рече министерот за здравство, повикувајќи ги граѓаните да не го уништат сето досега постигнато во борбата против епидемијата.
Во земјава во вторник ќе се отворат продавници до 400 метри квадратни и продавници за градежни работи и градинарски материјали, со задолжително носење маски на продавачите и купувачите.
„Одржувањето на стапката на новозаразени на сегашно ниво, кога со денови се евидентираат повеќе излечени од новозаразени, ќе биде уште поголем предизвик за сите“, рече министерот Рудолф Аншчобер.
Во земја со население од 8,8 милиони, во понеделникот биле заразени 13.942 лица, од кои 7343 закрепнале и 368 починале.Бројот на хоспитализации се намалил од илјада на 981, вклучително и 239 на интензивна нега.
„Тоа е охрабрувачки развој. Ние добро ја надминавме првата фаза на коронакризата“, смета Аншчобер. „Само оваа одлучувачка (втора) фаза ќе укаже дали постепеното олеснување на ограничувањата ќе продолжи“, додаде тој.
Тој ги предупреди граѓаните да не го уништат се досега што е постигнато во борбата против ширењето на заразата со нивното невнимателно однесување и ги повика да продолжат да се придржуваат кон ограничувањата за движење и собирање што остануваат на сила до 1 мај.