Во Собранието, власта и опозицијата немаа забелешки Американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка да ги гради автопатите од Коридор 8 и 10 без тендер, со директна спогодба со Владата. Пред три месеци беше соопштено дека е потпишан Меморандум за соработка со американско – турскиот конзорциум Бехтел и Енка. Според него, конзорциумот ќе ги проектира и изведе трите автопати. Специјалниот закон денеска по скрaтeна постапка го помина комисискиот филтер.
На „Бехтел и Енка“ ќе им се овозможи да спроведат „уникатен процес на изградба на проектот преку брза метода на планирање, изведба и изградба“, се вели во предлог-законот. Конзорциумот има обврска да ги обезбеди сите релевантни локални лиценци неопходни за извршување на проектантските и градежни работи и за обезбедување на услугите, секоја по потреба.
Во предлог законот е предвидено стратешкиот партнер да го менаџира проектирањето и изградбата на деловите од Коридорите. Финансии ќе се „црпат“ од буцетот, но не е наведно колку би чинел.
Против ваквото законско решение се огласи Државната комисија за спречување корупција, со сомнеж дека постои висок ризик од корупција, и веќе најави дека доколку се изгласа ќе го оспорат пред Уставниот суд.
Македонија веќе има искуство со директно договарање на изградба на автопати, без тендер. Откако Владата се договори, Собранието во 2013 година изгласа посебен закон за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.