Мора да се почитуваат меѓународните обврски и договори, порачале од САД и Франција за Македонија. На средбата меѓу делегациите предводени од американскиот претседател Џо Бајден и францускиот претседател Емануел Макрон која се одржала во Франција е упатена порака и до новата влада во Скопје, стои во официјалниот брифинг на Белата Куќа.
Ова е дел од американско-францускиот патоказ објавен од Белата куќа на 8 јуни месецов.
„Тие ја повикуваат новата влада во Северна Македонија да остане фокусирана на патот кон ЕУ и да се придржува до своите меѓународни обврски“, соопштиле од Белата куќа за деталите од средбата во Франција.
Освен нашата држава, патоказот ги спомнува и другите држави како Украина, НАТО, Блискиот Исток и други региони. Бајден и Макрон разговарале и за Западен Балкан и го потенцирале значењето на евро-интеграциите на регионот.
Ова доаѓа во време кога актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го користат старото име на државата во јавната комуникација, а Грција постојано реагира.
На француско-американскиот повик за почитување на меѓународните договори, одговор од новата влада стигна лично од Мицкоски, според кого Македонија ќе ги почитува, но порача дека тоа е двонасочна улица.
„Договорите треба и двете страни да ги почитуваат. Ако мислите на Договорот со Грција, ние го почитуваме Преспанскиот договор до детали. Истовремено очекувам и вториот потписник да го почитува. Ние подготвивме еден документ колку е имплементирано и планираме да го запознаеме секој оној кој е љубопитен, да знае колку двете страни го почитуваат билатералниот договор. Јас сум бил сведок кога многу од нашите меѓународни партнери не убедувале само уште името и завршена е работата, но гледаме дека не биле само така. Очекувам сите наши стратешки партнери да ги почитуваат договорите, исто како што и ние ги почитуваме“, кажа вчера Мицкоски.
Лавината реакции во Грција за неупотребата на уставното име согласно со Преспанскиот договор од новоизбраните функционери била дел од внатрешната кампања за изборите за европските институции. Шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера откри дека е во постојана комуникација со Атина, но оттаму досега не пристигнала ниту една официјална реакција. Сепак, Османи вели дека Преспанскиот договор е реалност и мора да се почитува од идните функционери.
Министерот за надворешни работи Герапетритис ќе ја претставува Грција на Конференцијата на процесот за соработка во југоисточна Европа што се одржува во Скопје. Во земјава ќе допатуваат претставници на 13 земји-членки на процесот за соработка во југоисточна Европа и на Регионалниот совет за соработка. За време на македонското претседателство ќе биде назначен генерален секретар, а тројката, Црна Гора, Македонија и Албанија ќе ги претстават новите иницијативи.