Бајден: Ја постигнавме целта, 200 милиони дози вакцини во првите 100 дена од мандатот!

од Stefanija Kuzmanovska

Американскиот претседател Џо Бајден објави денеска нови даночни олеснувања за малите компании кои им даваат на работниците бесплатни денови за вакцинација против Ковид-19, изразувајќи на тој начин задоволство што граѓаните примиле 200 милиони дози вакцина во првите 100 дена од неговиот мандат.

Даночните олеснувања се дадени според законот усвоен минатиот месец и ќе можат да ги користат компаниите со помалку од 500 вработени.

Бајден ќе ги покани сите компании да понудат слободни денови, како и други стимулации, како што се картички за подароци или бонуси, за да ги охрабрат вработените да се вакцинираат, пренесе „NBC News“.

„Ниту еден Американец кој работи не треба да изгуби ниту еден долар од платата затоа што избра да ја исполни својата патриотска должност да се вакцинира“, рече Бајден.

Бидејќи САД ја постигнаа целта на Бајден да им дадат на граѓаните 200 милиони дози оваа недела, снабдувањето со вакцини почнува да ја надминува побарувачката во некои области.

Додаде дека земјата влегува во нова фаза во процесот на вакцинирање и дека сега вниманието се префрла од набавка на вакцини за ранливите категории кон општата популација.

„Едноставно кажано, ако чекавте да ви дојде редот, не чекајте повеќе. Сега е време да ги вакцинираме сите постари од 16 години”, рече американскиот претседател.

Пресвртница од 200 милиони дози значи дека околу половина од возрасните Американци примиле барем една доза на вакцина, додека околу една третина биле целосно вакцинирани.

Бајден рече дека сериозно размислува да испрати одредена количина вакцини во други земји, вклучувајќи ги Канада и Централна Америка, кога ќе биде убеден дека има доволно за Американците.

Тој исто така рече дека поминал половина час разговарајќи со канадскиот премиер за испраќање вакцини во таа земја.

Слични содржини