Бајден: САД не можат да ѝ го завртат грбот на Украина

од Stefanija Kuzmanovska

Американскиот претседател Џо Бајден предупреди дека САД не можат да ѝ „завртат грб“ на Украина во контекст на очекуваното конечно одобрување од Конгресот за помош од 60 милијарди долари за Киев.

Републиканците во Претставничкиот дом се противат на разгледување на дополнителниот предлог-закон за национална безбедност, откако тој беше одобрен од Сенатот.

„Не можеме да ѝ завртиме грб во моментов, бидејќи рускиот претседател Владимир Путин смета токму на тоа“, рече Бајден во говор во Белата куќа во пресрет на втората годишнина од руската инвазија на Украина која се одбележува утре.

Бајден се очекува утре да одржи видео-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидерите на земјите од Г7. Претседателот на САД денеска најави над 500 нови санкции против Русија по повод двегодишнината од почетокот на руската војна против соседната земја.

Некои од санкциите се поврзани и со смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.

Бајден денеска изјави дека освен со лидерите на Г7, наскоро ќе разговара и со лидерите на ЕУ и НАТО.

Слични содржини