Бајден: САД сè уште се извлекуваат од длабока бездна, ситуацијата е сериозна

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателот на САД, Џозеф Бајден, рече дека бројката од 266.000 новоотворени работни места во текот на април не е разочарување, туку добар показател дека САД се на добар пат и дека има уште многу да се работи.

Бајден зборуваше откако Секретаријатот за труд објави бројки врз основа на кои дел од американската јавност процени дека април означи тренд на бавно вработување, а истовремено податоците за бројот на слободни работни места во март беа ревидирани на 770.000, наместо првичните 916.000, објави „Гласот на Америка“.

– Слушам коментари дека треба да бидеме разочарани. Не ни помислувавме дека сè ќе се случи 60 дена откако стапи на сила планот за заздравување на американската економија. Јасно е дека ова е долгорочен процес, чии резултати може да се видат по една година – изјави Бајден пред новинарите во Белата куќа.

Одговарајќи на забелешките дека поради придобивките од неодамна усвоениот пакет помош од 1,9 милијарди долари, некои граѓани не сакаат да бараат работа затоа што добиваат поволности повисоки од минималната плата, американскиот претседател рече дека извештаите покажуваат дека проблемот е поголем од тоа и дека САД имаат осум милиони работници помалку отколку пред пандемијата.

Тој објасни дека Соединетите држави сè уште се извлекуваат, како што рече, од длабоката бездна.

– Никој не смее да потцени колку е сериозна оваа борба. Овој месец беа вработени уште 266.000 лица во споредба со минатиот. Планот за спас на американската економија се предвидува да опфати цела година и тој треба да не врати таму каде што бевме – рече американскиот претседател.

И покрај евидентните подобрувања во сферата на економијата, која, според експертите, е под најголемите предизвици од времето на Втората светска војна, милиони американски граѓани се уште се невработени, според „Гласот на Америка“.

Слични содржини