Бајден со стабилно водство пред Трамп

од Vladimir Zorba

Кандидатот на Демократите, Џо Бајден води пред претседателот Доналд Трамп со осум процентни поени кај регистрираните гласачи, а поранешниот потпретседател на САД се чини дека има значителна предност кај неопределените гласачи, покажа анкетата спроведена од „Ипсос“ денеска.

Според анкетата спроведена од 15 до 21 јули, 45 проценти од гласачите рекле дека би гласале за Бајден на изборите на 3 ноември, додека 38 проценти го поддржуваат Трамп. Останатите 16 проценти се или неопределени гласачи или имаат намера да поддржат трета страна или може воопшто да не гласаат.

Анкетата исто така покажува дека 61 отсто од неопределените гласачи или оние кои се залагаат за трета страна да избираат меѓу двајцата кандидати би гласале за Бајден, додека 39 отсто од регистрираните гласачи би гласале за Трамп во тој случај.

Меѓу неопределените гласачи, 70 проценти сметаат дека земјата е на погрешен пат, а 62 проценти сметаат дека економијата оди во погрешна насока.

Таа група гласачи е исто така длабоко вознемирена од развојот на ситуацијата со новиот коронавирус во кој загинаа повеќе од 141.000 Американци.

Осумдесет проценти од гласачите изјавиле дека се загрижени за ширењето на вирусот, а 34 проценти рекле дека би гласале за кандидат кој ќе понуди „стабилен план за обновување на земјата“.

Другите 24 проценти ќе гласаат за кандидат кој може „да ја врати довербата во американската влада“, а 12 проценти сакаат кандидат кој ќе стави акцент на здравствената заштита.

Само 38 проценти од гласачите веруваат дека претседателот Трамп добро се справува со кризата со коронавирус.

Анкетата беше спроведена за 4.430 возрасни Американци, вклучувајќи 3.744 регистрирани гласачи и 595 регистрирани гласачи кои не поддржуваат ниту еден од двајцата водечки кандидати.

Слични содржини