Атентаторот од Крајстчрч на своето оружје имал испишано кирилични букви. Тоа повеќе укажува на пачворк-идеологија, отколку што е индиција за терористичка поврзаност со Балкан.
Уште додека 28-годишниот Австралиец Брентон Тарант на Фејсбук директно го пренесуваше својот напад, навести трага кон Балкан. Преносот во живо од атентатот Тарант го подвлече со воена песна на босанските Срби, кои во 1990-те години во југословенските војни се бореа против муслимански доминираната армија на БиХ. Песната „Караџиќ, поведи ги своите Срби“, го велича тогашниот српски водач Радован Караџиќ, кого Трибуналот на ОН за воени злосторства во поранешна Југославија во 2016 година го осуди на 40 години затвор. Пресудата на Караџиќ, меѓу останатото, му беше изречена и за негово учество во масакрот во Сребреница, во кој во јули 1995 година беа убиени преку 8.000 муслимани.
Турист во потрага по терористичка инспирација?
Борбената песна, во 1993 година напишана од Жељко Грмуша, имаше за цел јакнење на моралот на српските единици. „Она што го направи тој тип во Нов Зеланд е страшно. Секако дека го осудувам, жал ми е за сите тие невини луѓе“, вака српскиот водечки булеварски весник „Курир“ го цитира аматерскиот музичар. Жељко Грмуша кој денес живее во Хрватска и стравува за својата безбедност.
Повеќе:
Нов Зеланд во шок: Терористот пред суд
Аматерски продуцираната песна сигурно ќе паднеше во заборав, ако непознати лица пред околу десет години не започнеа на интернет да објавуваат видеа со нејзина нова верзија и со англиски наслов „Remove Kebab”. Антимуслиманските видеа достигнаа милиони прегледи, со расистички коментари на корисниците. По нападот во Нов Зеланд, сопственикот на еден посебно успешен Јутјуб акаунт се дистанцираше од употребата на видеото од страна на атентаторот, со порака под видеото –во мислите сочувствува со жртвите од Крајстчрч .
Патувања на Балкан
Брентон Тарант, пред извршување на атентатот, повеќепати патувал на Балкан. Како турист, тој во 2018 година посетил историски места во Бугарија, а потоа, според информации на бугарскиот генерален обвинител, продолжил кон Романија и Унгарија.
Две години пред тоа Тарант ги посетил Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска.
Доколку тогаш бил во потрага по типична нацистичка сцена, Србија не била вистинското место. Историското непријателство кон нацистичката диктатура и со Хитлер поврзаната хрватска усташка држава предизвикуваат одбивност кон оваа идеологија кај мнозинството Срби, кои се наклонети кон ултранационалистички идеи. Српскиот екстремен шовинизам е главно антизападно и проруски ориентиран.
Пачворк идеологија
Меѓутоа, можно е Тарант да почувствувал „инспирација“ од ослободителните борби на балканските народи против Турците. Во неговото сфаќање веројатно постои поврзница меѓу него и српскиот кнез Лазар, паднат во битката против Турците на Косово Поле во 14 век, како и со другите „бранители на христијанските области“.
Повеќе:
Српскиот цар Лазар и крстоносци го „инспирирале“ терористот од Крајстчрч
Бизарните околности на атентатот, вклучувајќи ги со кирилични букви испишаните имиња на историски борци против османските освојувачи на неговото оружје, несомнено се знак на извесна пачворк-идеологија, која си го зема она што ѝ одговара од еден вид самопослуга. Тие не се толку индиција за постоење терористички врски со Балкан или тамошна мрежа на поддржувачи.
Слично како патувањата на Балкан, Тарант можеби бил под влијание и на ултрадесничарскиот манифест на норвешкиот масовен убиец и десничарски екстремист Андерс Бехринг Брејвик. Поврзаноста на идеите на осомничениот атентатор од Нов Зеланд и оние на Брејвик е очигледна. И Брејвик ги величаше српските парамилитарци, кои во косовската војна ги одликуваше „менталитет на крстоносци“. Негов идол беше поранешниот српски легионер Милорад Улемек Легија, кој под своето борбено име Легија остави крвава трага во југословенските војни. Легија во меѓувреме во 2003 година е осуден на 40 години затвор како иницијатор на атентатот врз српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ.
Познато е дека во балканските војни учествуваа десничарски екстремисти. Тие, во зависност од потеклото, се бореа на различни страни на фронтот. Германските неонацисти ја претпочитаа тогаш хрватската страна, Русите и Грците, пак, српската. Самонаречените божји воини од исламскиот свет ги поддржуваа босанските муслимани. Тогашната пропаганда и документацијата на злосторствата, преку интернет се оддалечени само еден клик со глувчето.
Страв од последиците
Српските медиуми опширно известуваа за атентатот во Крајстчрч. Безбедносните експерти исклучуваат зголемена терористичка опасност за земјата. Стручњаците меѓутоа се загрижени поради тоа што извештаите за видеата можат да фрлат лошо светло врз Србија.
Многу босанско-муслимански корисници на интернет се револтирани од песната за Караџиќ, дотолку повеќе што во вторник во Ден Хаг треба да биде изречена правосилна пресуда во случајот Караџиќ. Одделни муслимански корисници се иритирани што медиумите не го нарекуваат атентаторот „ христијански фундаменталист“, додека изразот „исламистички фундаменталисти“ е сосема вообичаен кај други напади.