Балтичките земји реагираат претпазливо на извештаите дека Русија може да ги ревидира границите

од Milan1

Лидерите на земјите околу Балтичкото Море реагираа денеска претпазливо на извештаите дека Русија би можела да ги ревидира границите на нејзините територијални води во регионот, пишува „АП“. Министерството за одбрана на Русија предложи ревизија на државната граница во руските територијални води во Балтичкото Море, пренесоа руските агенции.

Во нацрт-декретот од 21 мај објавен на федералниот портал на нацрт-регулаторни правни акти, Министерството предложи прилагодување на границата околу руските острови во источниот дел на Финскиот залив и околу Калининград.

Како што е објаснето, за да се обезбеди безбедност на пловидбата, се предлага прилагодување и преобјавување на националните карти за поморска навигација во соодветна мера. Беше наведено и дека документот моментално е во фаза на подготовка. Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека Русија потпишала конвенција на Обединетите нации која регулира како може да се направат такви промени, пренесе АП.

„И ние и Финска претпоставуваме дека Русија, која е потписничка на таа конвенција, ја исполнува таа одговорност“, рече тој, пренесе шведската агенција „ТТ“.  Ако Русите ги оспоруваат границите, тогаш Русија ја крши конвенцијата на ОН, тогаш целиот свет ќе биде против тоа, изјави финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен, а пренесе финската телевизија „ИЛЕ“.

Таа, сепак, рече дека тоа веројатно е рутински чин на Русија, а не провокација. Претседателот на Финска, Александар Стуб, на платформата Х (Твитер) напиша дека Русија не била во контакт со Финска по ова прашање. „Финска се однесува како и секогаш: мирно и засновано на факти“, напиша тој. И министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис, на платформата Х (Твитер) напиша дека Русија „се обидува да шири страв, несигурност и сомнеж за своите намери во Балтичкото Море“.

Во Литванија постои голема загриженост за најновите достигнувања на руските трупи во североисточна Украина. „Baltic News Service“ наведува дека Литванија ги повикала претставниците на Русија за детално објаснување.

Сепак, Интерфакс подоцна денеска цитираше неименуван воено-дипломатски извор кој вели дека Москва нема намера да ја ревидира границата или ширината на нејзините територијални води. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека „нема ништо политичко“ во предлогот на Министерството за одбрана. „Гледате како ескалираат тензиите и нивото на конфронтација, особено во балтичкиот регион. За тоа се потребни соодветни чекори од нашите надлежни органи за да се обезбеди нашата безбедност“, рече Песков,  а пренесува „Танјуг“.

Слични содржини