Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, директорот на МКЦ, Русе Арсов, и директорот на Универзална сала, Филип Аврамчев, денеска на конференцијата за медиуми, што се одржа во Младинскиот културен центар – Скопје, ја објавија програмата за годинешното 14. издание на културната манифестација „Бела ноќ“, што ќе се одржи утре, 6 октомври 2018 година.
„Оваа година ќе имаме несекојдневно издание на ‘Белата ноќ’. Четиринаесетгодишното постоење на оваа веќе препознатлива манифестација на Градот, за првпат ќе биде збогатено и со фестивал на светлината, односно Skopje light art district. Овој фестивал е направен по теркот на најпознатите светски фестивали на светлината, а е поддржан во рамките на РОК-проектот, проект на програмата на ЕУ – Хоризонт 2020. Тука, морам да ја напоменам и несебичната поддршка на Лион, каде што постои најстариот фестивал на светлосна уметност“, изјави Шилегов.
Тој додаде дека организаторот на ова издание на „Бела ноќ“ се потрудил да вклучи што повеќе странски и домашни уметници, но и да анимира нови алтернативни културни простори што во иднина ќе се користат за одржување вакви или слични настани.
„Во јуни и во септември имавме четири несекојдневни проекции на кино на отворено во Градски парк, а овој пат ја имаме можноста да уживаме во кино на покривот на Градскиот трговски центар. Во ГТЦ веќе активно живее Галеријата на отворено и се покажа како место кое го сакаат граѓаните на Скопје. Утревечер, таму ќе се случува Roller disco, а за поздрав е и тоа што првпат годинава во програмата се вклучени и средните училишта во Скопје“, нагласи Шилегов.
„Бела ноќ“ е синоним за масовна посетеност и исполнетост со активна публика затоа што програмата што ја нуди доминира со квалитет и несекојдневни содржини.
„Утревечер посакувам сите заедно да уживаме во ова несекојдневно издание на Бела ноќ и на Skopje light art district“, порача Шилегов на денешната прес-конференција.
Русе Арсов, директорот на МКЦ, нагласи дека годинава главен акцент е ставен на домашни уметници за да покажеме што ние како главен град може да понудиме и вети добра забава.
Филип Аврамчев, директорот на Универзална сала, кој е главен организатор на Фестивалот на светлината, најави настапи на 16 артисти на тридневниот фестивал кој ќе изобилува со најразлични видови светлосни инсталации.
Покровител на манифестацијата „Бела ноќ“ е Градот Скопје, а технички и програмски организатор е Младинскиот културен центар – Скопје.
Целосната програма може да ја погледнете на следниот линк.
Утре, за време на одржувањето на манифестацијата, организирано е бесплатно возењето во градските автобуси на ЈСП кои сообраќаат кон централното градско подрачје, од 19 часот до раните утрински часови.