Бербок: Германија нема да застане на патот на Полска да испрати тенкови во Украина

од Stefanija Kuzmanovska

Германската министерка за надворешни работи Ана Бербок изјави дека „нема да ѝ застане на патот“ на Полска доколку испрати тенкови „Леопард 2“ во Украина.

Украина го повика Западот да обезбеди тенкови од германско производство за кои вели дека ќе ѝ помогнат да ја победи Русија. Но, Германија допрва треба да ги обезбеди оклопните возила, а нејзините закони за извоз ги спречуваат другите земји да испраќаат свои.

Во неделата Бербок рече дека Полска сè уште не поднела барање за извозна дозвола.

„Засега тоа прашање не е поставено, но ако беше поставено, немаше да застанеме на патот“, изјави таа за француската телевизија LCI во неделата.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки во понеделникот рече дека владата на земјата ќе побара одобрение од Берлин. Но, како што рече, Полска ќе испрати тенкови во Украина, дури и ако тоа не биде одобрено.

„Дури и на крајот да не го постигнеме овој договор, во рамките на мала коалиција… ние сепак ќе ги предадеме нашите тенкови, заедно со другите, на Украина“, рече Моравјецки, пренесе Би-Би-Си.

Слични содржини