Бербок: Германија сака побрзи преговори за приближување на Западен Балкан кон ЕУ

од Берта Китинска

Дискусијата за приближување на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија треба да се забрза, смета германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ).

Не треба повеќе да се губи време во напорите за интеграција и усогласување, изјави Бербок по разговорот со нејзината словенечка колешка Тања Фајон во Берлин.

„Ништо не смее да се создаде на Балканот каде што може да се смести Русија или други актери. Освен Русија, Кина бара поголемо влијание и на Западен Балкан. Западен Балкан географски е во средината на ЕУ. Мора конечно да ги внесеме луѓето од Западен Балкан во нашиот политички центар“, рече Бербок.

Според германската министерка, Унијата требало да го исполни ветувањето за отворање на пристапните преговори, особено со Северна Македонија и Албанија.

„Тоа е во наш стратешки интерес и исто така прашање на кредибилитет“, рече таа.

Во март 2020 година, Европскиот совет се согласи да ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, а Бугарија ја блокираше таа одлука со вето поради спорови околу јазикот и историјата, додека Брисел го врза напредокот на Тирана на патот кон ЕУ со напредокот на Северна Македонија.

Меѓутоа, минатата недела Парламентот на Бугарија и даде зелено светло на владата да ја одобри преговарачката рамка за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Предложеното решение за укинување на бугарското вето сега се разгледува во Скопје.

Слични содржини