Бербок: Влезот на Украина во ЕУ не е на дневен ред

од Stefanija Kuzmanovska

Во оваа фаза на дневен ред не се прашањата за влез на Украина во Европската унија или Киев да добие безбедносни гаранции од НАТО, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во интервју за шпанскиот весник „Паи“.

„Не може да има отстапки кога се во прашање владеењето на правото, слободата на говорот и општите европски вредности. Членството во ЕУ зависи од процесот на спроведување на реформите. НАТО спроведува политика на отворени врати; суверените земји сами одлучуваат во кој сојуз ќе се приклучат. Во случајот со Украина, тоа прашање сега не е на дневен ред; пред сè, неопходно е да се стави крај на оваа страшна војна“, изјави германската министерка во одговор на прашањето дали е можно да почнат преговорите за членство на Украина во ЕУ во 2023 година, како и дали ќе добијат безбедносни гаранции од НАТО.

Во февруари, украинскиот претседател Владимир Зеленски повика преговорите за членство на Украина во ЕУ да започнат на почетокот на 2023 година.

На 28 февруари минатата година Зеленски ја потпиша апликацијата за пристапување на Украина во ЕУ. На самитот во Брисел на 23 јуни, шефовите на држави и влади на ЕУ одобрија доделување кандидатски статус на Украина и Молдавија. За да започнат преговорите, двете земји мора да исполнат голем број услови, вклучително и спроведување реформи и зајакнување на борбата против корупцијата.

Слични содржини