Беровскиот градоначалник го повика населението да се вклучи во гаснењето на пожарот меѓу Митрашинци и Будинарци

од Vladimir Zorba
183 прегледи

Беровскиот градоначалник Звонко Пекевски го повика месното население да се вклучи во гаснење на пожарот меѓу селата Митрашинци и Будинарци.

– Во моментот гори голем пожар над селото Митрашинци, над објектите на семејството Валаски. Пожарот може да прерасне во големина каква што имавме минатата година. Апелирам до населението, до граѓаните посебно од селата Митрашинци, Будинарци, Мачево, да се упатиме во што поголем број доброволци за побрзо гаснење на истиот со цел да не прерасне во големина каква што имавме минатата година, повика на својот фејсбук-профил Пекевски.

Пожарот меѓу беровските села Будинарци и Митрашинци, кој е во планината на непристапен терен е надвор од контрола, вели за МИА командирот на ТППЕ-Берово, Сашко Руменковски. Според првичните проценки зафатени се околу 50 хектари мешана шума од даб и бука.

– Со пожарот се справуваме околу 30-тина пожарникари, вработени во ЈП „Македонски шуми“, како и членови на доброволното Противпожарно друштво. Во моментов ни е е потребна градежна механизација, за да се исчистат патиштата низ планинскиот предел, вели Руменковски.

Пожарот почнал синоќа, но денеска се проширил и кон шумата. На пожарникарите и на сите кои се вклучени во неговото гаснење им отежнува ветерот.

Слични содржини