„Беса Транс“ годинава заработила четири кривични пријави

од Берта Китинска
352 прегледи

При извршени четири инспекциски надзори од страна на Државниот инспекторат за транспорт , компанијата „Беса транс“ чиј автобус се запали на патот Струма во Бугарија и при тоа живи изгореа 46 патници од Македонија годинава има заработено четири кривични пријави .

Директорот на инспекторатот Руфат Хусеини во изјава за „Локално“, посочува дека кривичните пријави се поднесени поради непочитување на ковид-протоколите.

-Контролите се извршени во текот на 2021 година на граничниот премин Деве Баир каде се констатирани неправилности и е утврдено дека не се почитуваат протоколите, односно бројот на патници бил над дозволеното, вели Хусеини додавајќи дека во надлежност на Обвинителството е колкава ќе биде казната за ваквиот вид на пријави .

Според информациите од Министерството за транспорт „Беса Транс“ во јули 2018 година доставила барање за добивање лиценца доставувајќи ја целокупната документација, со што ги исполниле условите за да ја добијат лиценцата за меѓународен превоз на патници.

„До Министерството за транспорт и врски, Сектор за патен сообраќај, поднесено е барање од страна на превозникот Беса Транс БТБ од Скопје, ул. 1 бр. 1, Рашче, Скопје, евидентирано под број 08-4127/1 од 18.07.2018 година, за добивање на лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници.

Кон барањето е доставена целокупната документација согласно член 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај, со што превозникот ги исполнил условите предвидени во Законот и му е издадена лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници.

Со барањето за добивање на лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници, превозникот ги исполнил условите за добивање на лиценца и издадена му е лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници со сериски број 007017 со важност од 08.08.2018 година до 08.08.2022 година“, се вели во соопштениетоп од Министерството за транспорт.

Седиштетот на компанијата е во Рашче, во скопската општина Сарај, и има подружници во скопски Чаир, Рашче и Центар.

Бугарските медиуми денеска информираа дека агенцијата функционирала од 2011 година, а од 2019 година за нејзин управител бил назначен Аздрен Зубери, македонски државјанин со албанско потекло.

Според нивните информации седиштето на фирмата се наоѓа во Ќустендил, но има и неколку канцеларии во Скопје и во други градови во Северна Македонија.

При проверката на адресата на фирмата „Беса Транс“ во Ќустендил од страна на бугарските новинари констатирано е дека на местото на адресата на која се води фирмата има станбен блок, а во наведениот стан живее постара жена.

Нејзиниот син изјавил дека имињата на фирмите се совпаѓаат и немаат никаква врска со туристичката агенција која е сопственик на изгорениот автобус и дека нивната компанија е за транспорт на стоки.

Слични содржини