Бесими: Над десет милиони евра инвестиции за енергетски ефикасни јавни објекти во општините

од Andreja Salpe

Инјектирањето средства во проекти што имаат силна додадена вредност е од големо значење за заздравување на економијата, а понатаму и за забрзување на економскиот раст, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на инфо-сесијата организирана од страна на Министерството за финансии за „Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор“, што се спроведува со поддршка од Светска банка. Целта на инфо-сесијата е општините да можат да се информираат за начинот на аплицирање на јавниот повик за користење средства за инвестиции во општински енергетски ефикасни објекти, со вкупен фонд од 10,5 милиони евра, што беше објавен пред една недела.

– Овој проект е од големо значење од аспект на јакнењето на фискалниот капацитет на општините. Оттаму, верувам дека многу брзо ќе лоцирате кај кои објекти во општината треба да се делува и дека ќе аплицирате за расположливите средства. Големиот интерес за овој проект дава добра слика дека сме подготвени да се соочиме со глобалните предизвици, како што се одржливост на енергетската иднина и здрава животна околина – истакна Бесими.

На настанот свое обраќање имаше и директорот на Светска банка за РС Македонија, Масимилијано Паолучи.

Паолучи вели дека една од главните цели на овој проект е да се создаде одржлив финансиски механизам што ќе овозможи зголемување на енергетски ефикасните инвестиции во јавниот сектор.

„Воспоставувањето Фонд за енергетска ефикасност, што се планира во рамки на овој проект, како револвинг финансиски механизам, ќе овозможи поддршка на зголемени инвестиции чија цел е подобрување на енергетската ефикасност во јавниот сектор, а подоцна и во останатите сектори. Овој револвинг механизам ќе овозможи Фондот да продолжи со инвестициите во јавниот сектор, особено во општините, преку овозможување континуирано вложување во енергетска ефикасност откако ќе заврши Проектот“, информира Паолучи.

Притоа, тој потенцира дека проектот покрај енергетски заштеди ќе придонесе и за креирање локални „зелени“ работни места. Како што рече, реновирањата на објектите и подобрувањето на квалитетот на јавното осветлување, вообичаено се изведува од страна на локалните компании.

Висината на финансиската поддршка за една локална самоуправа може да изнесува од 50 илјади до 750 илјади евра и истата зависи од проценетата вредност на предложениот општински проект. Со потпишување договор со Министерството за финансии, 80% од овие средства општината ќе ги добие како подзаем, додека останатите 20% како грант. Воедно, од страна на Министерството за финансии, во рамки на средствата обезбедени за избраните проекти, ќе бидат покриени и трошоците за подготовка на енергетска ревизија и за техничка документација за проектите.

Претставниците на општините истакнаа дека овој проект е од особено значење за нивните општини, како и дека во моментов ги дефинираат јавните објекти со коишто ќе аплицираат на јавниот повик во рамки на Проектот.

Вкупната вредност на „Проектот за енергетска ефикасност“ е 25 милиони евра, при што дел од овие средства се наменети за енергетски ефикасни инвестиции во објекти на централната власт, во здравствениот сектор, како и за воспоставување на Фондот за енергетска ефикасност.

Најголем дел од средствата предвидени за овој проект, односно 10,5 милиони евра, се наменети за сите единици на локалната самоуправа на Република Северна Македонија, а главна цел е намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор, но и подобрување на квалитетот на јавните објекти и јавното осветлување.

На инфо-сесијата, главниот координатор на Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП, Тања Томиќ и тимот на единицата ги информираа претставниците на општините за начинот на аплицирање, како и за целиот тек на процесот.

Слични содржини