Светските лидери и првите луѓе на меѓународните финансиски институции минатата недела дадоа пооптимистички прогнози за економијата во 2023 година, но сепак повикаа на понатамошна внимателност, предизвиците ќе продолжат. Очекувањата се дека новите проекции за глобалниот раст ќе бидат ревидирани нагоре, посочи и директорката на ММФ, Георгиева, пишува во својата колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими.
„Позитивни сигнали има и од страна на големите американски инвестициски фондови кои очекуваат 2023 година да стане исклучително поволна за нови инвестиции. Следниот инвестициски циклус, како што се очекува ќе биде придвижен од иновациите.
Се уште остануваат предизвиците како геополитичките тензии, временото забавување на економијата на САД и дел од земјите на ЕУ, но и новите карантини во Кина. Од друга страна се очекува и забавување на инфлацијата, стабилизирање на цените на енергијата и корпоративните добивки. Очекувањата на некои финансиски експерти се дека 2023 година, популарно кажано е дека ќе биде „бикова година” иако првичните прогнози од некои меѓународните институции се поконзервативни.
На домашен план, и покрај неколкуте истовремени кризи, меѓународните финансиски институции проценуваат дека среднорочната траекторија на македонската економија е во нагорен тренд. Во рамките на Западен Балкан, нашата економија е трговски најотворена, што укажува на подготвеноста за справување со конкурентски притисоци и вклучување во глобализациските текови. Бруто инвестициите, како процент од бруто домашниот производ, се исто така, на историски прилично високо ниво. Остануваме целосно посветени на поттикнување на инвестициите во приоритетните области на одржливиот развој, како што се зелената транзиција, физичката инфраструктура, дигитализацијата, човечкиот капитал и друго, како и унапредување на политиките и реформите за владеење на правото и добро владеење. Како што вели прочуениот теоретичар на менаџментот и консултант, Питер Дракер, „најдобриот начин да ја предвидиме иднината е да ја создадеме”, пишува Бесими.