Би-Би-Си: Британските сили во Авганистан убиле 54 невооружени лица

од Nikola Popovski

Повикувајќи се на воените документи до кои дојде, британскиот јавен сервис Би-Би-Си наведе дека во 2010 и 2011 година припадници на единицата на британските специјални сили убиле 54 невооружени лица и затвореници во јужната авганистанска провинција Хелманд и дека поранешниот шеф на САС знаел за овие убиства, но дека во текот на истрагата не ги проследил доказите.

Лабуристите повикаа на истрага за тврдењата дека единицата САС постојано убила невооружени мажи и затвореници, јавува Радио Слободна Европа.

Сите нови наводи за однесувањето на припадниците на британските специјални сили во Авганистан ќе бидат истражени, изјави секретарот на вооружените сили на Обединетото Кралство Џејмс Хепи, посочувајќи дека „никој, без разлика колку е посебен, не е поштеден од законот“.

Би-Би-Си во својот извештај наведува дека поранешниот шеф на британските специјални сили Марк Карлтон Смит бил информиран за наводните незаконски убиства, но доказите не ѝ ги предал на Кралската воена полиција, дури и кога почнала да ги истражува убиствата.

Министерството за одбрана соопшти дека британските војници „служеле храбро и професионално во Авганистан“ и дека извештајот на Би-Би-Си „донесува неоправдани заклучоци врз основа на наводите кои се веќе целосно истражени“.

Министерството, исто така, наведе дека однесувањето на британските војници во Авганистан било испитувано во текот на две независни истраги и дека во ниту една од нив не се нашле доволно докази за да се подигнат обвиненија.

Британските сили биле распоредени во Авганистан од 2001 година како дел од меѓународната коалиција предводена од НАТО, по терористичкиот напад врз САД на 11 септември. Илјадници британски војници биле испратени во Хелманд почнувајќи од 2006 година за да обезбедат проекти за реконструкција, но набрзо почнаа да учествуваат во борбени операции.

Истрагата на Би-Би-Си се фокусирала на шестмесечен престој на една единица на САС, која била распоредена во Хелманд од крајот на 2010 година. Според извештајот, единицата извршила рации по принципот „убиј или зароби“ за да ги фати талибанските команданти и да ги попречи мрежите за производство на бомби.

Фото: Profimedia

Слични содржини