Биното: Ред Бул наскоро ќе остане без пари

од Vladimir Zorba

Шефот на Ферари, Матијас Биното, не покажа голема грижа по двете последователни победи на Макс Верстапен во последните два старта. Светскиот шампион го намали на 19 поени водството на Шарл Леклер, кој овојпат, за разлика од Имола, успеа да се искачи на подиумот.

Биното е свесен дека Ферари заостанува зад Ред Бул во развојот на болидите, но исто така објасни дека нивните ривали нема да можат да го задржат ова темпо во подобрувањето на нивните болиди.

„Вистина е дека болидите на Ред Бул се побрзи отколку на почетокот на сезоната“, објасни Биното. „Тимот направи многу подобрувања и во последните две трки нивната предност пред нас е во просек 0,2 секунди по круг. Не се сомневам дека и ние треба да го развиеме нашиот болид за да останеме во битката за светската титула“.

Но, Биното објасни дека буџетскиот плафон во Формула 1 ќе игра многу важна улога во тоа како ќе се одвива трката за развој на автомобилите оваа сезона.

„Се надевам дека поради плафонот на буџетот, ќе дојде момент кога парите на Ред Бул ќе ги снема и тоа ќе се случи наскоро, па тие нема да можат да продолжат да го развиваат својот болид со ова темпо. Друга опција нема. Кај нас буџетот се издвојува за секој натпревар, токму поради плафонот на трошоците. Затоа од почетокот на сезоната постојано размислуваме каде посериозните ажурирања и подобрувања на болидот ќе имаат најголем ефект“.

Биното потврди дека Ферари ќе претстави подобрувања за Ф1-75 во Барселона, но не го коментираше планот за следните стартови по Шпанија.

Слични содржини