Битиќи: Чест и гордост се силните признанија и поддршка од Вашингтон

од desk4
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на својот фб профил, напиша дека силните признанија и поддршка што денеска пристигнаа од Вашингтон, од државниот секретар на Соединетите Американски Држави Ентони Блинкен, на средбата и со премиерот Димитар Ковачевски, се гордост и чест за Северна Македонија.
Традиционално добрите односи меѓу Северна Македонија и САД од минатата година се унапредени во стратешки дијалог што е највисокиот формат на соработка на оваа земја во билатереланите односи со суверените демократски држави.
„Со САД сме партнери во споделувањето на највисоките заеднички демократски вредности и во почитувањето на човековите права. Државниот секретар Блинкен исклучително отворено и директно ја изрази длабоката почит на Вашингтон за начинот на кој Северна Македонија претседава со ОБСЕ во исклучително драматичен и безбедносно предизвикувачки период, што ја прави нашата земја доверлив и сигурен партнер со кој се менаџираат прашања од највисок интерес за меѓународната безбедност“, напиша Битиќи.
Тој смета дека  длабокото взаемно почитување и негување на билатералните односи е силна мотивација и за економската соработка за која државниот секретар Блинкен јасно потенцирал дека Северна Македонија ја има силната поддршка за стратешките инфраструктурни проекти кои ќе ја стават земјата на високо рамниште во процесот на интеграцијата во членство во ЕУ.
„Сите ние треба да ги прифатиме како признание и заложбите на САД за унапредување на енергетска безбедност за Северна Македонија. Многу е важно што можеме и понатаму да сметаме на поддршката на Америка во изградбата на идните големи инфраструктурни проекти во делот на енергетиката. Партнерството со САД е мотор и мотиватор на нашата интеграција преку која македонската иднина ја правиме подобра“, напиша Битиќи на својот фб профил.

Слични содржини