Финска денеска гласа на парламентарни избори на кои земјата може драматично да се заврти кон десно, додека централно-десничарските и антиимиграциските партии се обидуваат да ја соборат социјалдемократската премиерка Сана Марин.
По пробивот на националистите во соседна Шведска и победата на крајната десница во Италија минатата година, Финска би можела да стане последната земја што ќе се приклучи на националистичкиот бран во Европа.
Гласањето доаѓа само неколку дена пред официјалниот пристап на Финска во одбранбениот сојуз на НАТО, што стана возможно откако Турција во четвртокот ја ратификуваше кандидатурата на земјата за членство.
„Нашата цел е да победиме и да продолжиме“
„Анкетите покажуваат дека десничарскиот политички тренд во Финска станува се посилен“, изјави за АФП Јухо Раконен од истражувачкиот институт Е2.
Традиционално, најголемата од осумте водечки партии во парламентот добива шанса прво да формира влада, а од 1990-тите таа партија секогаш ја бараше премиерската функција.
„Нашата цел е да победиме на овие избори и да продолжиме со нашата работа за поодржлива иднина“, им рече Марин на новинарите на маргините на нејзиниот последен настап во кампањата во Хелсинки.
Десничари и националисти во раководството
Последната анкета објавена од јавниот сервис Yle во четвртокот покажа дека Националната коалиција на десниот центар има мала предност со 19,8 отсто, додека националистичката евроскептична Финска партија е на второ место со 19,5 отсто.
На трето место е Социјалдемократската партија (СДП) предводена од Марин, која на 34-годишна возраст ја презеде функцијата во 2019 година како најмлад премиер во светот, со 18,7 отсто.
Додека Марин е најпопуларниот фински премиер овој век според анкетите, таа се бори да ја преточи својата популарност во места на СДП во парламентот.
Голема поларизација во општеството
„Иако е исклучително популарна, таа предизвикува и противење. Политичката поделба е засилена“, рече Раконен.
Додека некои ја гледаат како силен лидер кој вешто управувал со пандемијата „Ковид-19“ и со процесот за членство во НАТО, други сметаат дека растечкиот јавен долг за време на нејзиниот мандат и скандалите околу видео клиповите од нејзината забава се знаци на нејзиното неискуство.