Блинкен оди во Брисел да зборува за демократијата и стабилноста на Западен Балкан

од Radmila Tasevska

Државниот секретар Ентони Блинкен од понеделник до среда оди за Брисел каде во рамките на состанок со НАТО ќе зборува и за регионалната стабилност на Западен Балкан, јавија денеска од Стејт департментот.

Според портпаролот Метју Милер, во Брисел ќе се одржи првиот состанок на министрите за надворешни работи на Советот НАТО-Украина и ќе се истакне „цврстата заложба на НАТО за Украина во нејзината борба против руската агресија“.

-Ќе се издвои и нашата подршка за демократија и регионална стабилност на Западен Балкан, и ќе се дискутираат приоритетите за самитот во Вашингтон во јули 2024, рече Милер.

Блинкен ќе дојде и во Скопје на министерскиот самит на ОБСЕ што се одржува на 29 и 30 ноември, потврди денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Најавата дека Западен Балкан е една од главните теми на состанокот на НАТО доаѓа откако украинскиот претседател Владимир Зеленски во обраќање неодамна истакна дека Русија можеби подготвува конфликт на Балканот за да го одвлече вниманието од војната во Украина.

Од Стејт департментот на ова одговорија дека војната во Украина ја нагласува потребноста од итна интеграција на Западен Балкан во евроатлантските институции.

-Посветени сме да работиме со земјите од Западен Балкан, нашите европски партнери и меѓународната заедница, за унапредување на реформите во управувањето, владеење на правото, изборните и антикорупциските реформи, кои ќе ја намалат можноста за злонамерно руско влијание и ќе донесат траен мир, стабилност и просперитет на регионот, изјавија минатата недела од Стејт департментот.

Слични содржини