Близок соработник на Навални: Путин блефира не наседнувајте

од Milan1

Блискиот соработник на Алексеј Навални, Леонид Волков, вети дека „никогаш нема да се откаже“ од борбата против Владимир Путин, за „крајната жртва“ на покојниот руски опозиционер „да не биде залудна“.

Говорејќи по бруталниот напад со чекан во март пред неговиот дом во Литванија, каде што живее, Волков за Би-Би-Си изјави дека пораката зад нападот била „знаеме каде живееш, можеме да те убиеме“.

Три лица беа уапсени минатиот месец во врска со инцидентот, за кој долгогодишниот шеф на кабинетот на Навални верува дека бил нареден од режимот на претседателот Путин.

Тој рече дека „нема замена“ за Навални, но „сите“ ја гледаат неговата сопруга Јулија Навална како нов „харизматичен“ лидер на опозициското движење, иако таа „никогаш не сакала да биде во оваа јавна улога“.

Алексеј Навални (47) ненадејно почина во февруари додека беше во арктичка затворска колонија под обвинение за кое се верува дека е политички мотивирано.

Волков рече дека смртта на неговиот пријател е „отворена рана во нашите срца. Отсекогаш знаевме дека се бориме со луд, фашистички диктатор кој не препознава никакви црвени линии“, пренесува Би-Би-Си.

Според Би-Би-Си, поранешен сојузник на Алексеј Навални рекол дека Путин „убива илјадници луѓе“, без разлика дали тие се политички противници дома, во Европа или во Украина.

Волков предупреди дека „не постои магичен трик што може да го собори рускиот режим“, пишува Би-Би-Си.

Тој ги повика западните сојузници да испратат повеќе оружје во Украина и да не размислуваат за преговори со Русија. Тој рече дека Путин „блефира за да се прикаже себеси како многу посилен отколку што е, надевајќи се дека тоа ќе биде доволно за да ги натера Украина и нејзините западни сојузници на некои преговори.

Волков додаде дека врз Путин мора да има „воен притисок, економски притисок, политички притисок од внатре и од надвор“.

„Ако има 50 работи што можеме да ги направиме, мораме да ги направиме сите 50, ако направиш 49, тоа не е доволно, бидејќи тоа е најголемата закана за светот што сме ја виделе во последните 80 години“, истакна тој.

Слични содржини