Блокадите на граничните премини во Грција го зголемија времето и трошоците за испорака, а тоа влијаеше и врз зголемување на цените на производите од страна на трговците. Покрај мазутот чија испорака доцнеше и во државата беше прогласена кризна состојба, доцни и испорака и на многу други производи кои ги увезуваме од Грција. За трговците ова е уште еден аргумент плус за да ги зголемат цените на поизводите, поради зголемените трошоци на превоз како резултат на чекањето на граница.
Биљана Муратовска, генерален секретар на македонската транспортна асоцијација МАКАМ-ТРАНС за „Локално“ вели дека блокадите во Грција и чекањето на граница ќе има влијание врз цените, односно тоа ќе им биде изговор на трговците да ги поскапат.

Биљана Муратовска; Фото: Фејсбук/ Официјален профил на Асоцијација Макам-транс
-Има други алтернативни патишта за превоз на прехранбените и други производи кои ги увезуваме од Грција, но бидејќи километражата расте и превозот е поскап. Оние што носат роба од Турција не одат преку Грција, туку преку Бугарија, а други пак чекаат да им одобрат да одат по алтернативни патишта. Во Дојран и на граничниот премин „Меџитлија“ немаше толкава гужва, но поради блокадите и таму се создадоа колони од возила. Но, има некои акцизни стоки кои мора да поминат преку „Богородица“ и чекаат кога ќе биде отворена границата, односно 2-3 часа во денот кога ќе може да поминат, вели Муратовска.
Таа додава дека секое чекање ги зголемува трошоците. Дури и кога стојат камионите тие трошат за амортизација, за зелен картон, за регистрација, каско осигурување, како и други документи кои се вадат за заштита на стоката од временски неприлики, собраќајни незгоди, кражби…

Фото: Јутјуб/Принтскрин/Канал 5
-Некој може да направи повеќе превозни операции додека чека. Така на пример ако една тура се вози за три дена, а со блокадите за 5 или 6 дена. Тоа значи дека автоматски се губи една тура и се зголемуваат трошоците. Цените на производите не се зголемуваат толку поради превозот, туку поради организаторите на превозот кои ги диктираат цените. Од друга страна, трговците секое зголемување на цените на берзите го вкалкулираат во своите производи. И инспекторите кои ги проверуваат незнаат колку им се навистина трошоците, поради тоа треба да ја проверат целата документација и да видат колку им се реалните цени. Најголема заработувачка имаат големите компании кои набавуваат на големо и кои имаат пониски цени при набавка, појаснува Муратовска.
Што се однесува до нафтата која ја увезуваме од Грција истата може да поминува само преку одредени гранични премини преку кој е дозволен превоз на акцизни стоки.
Б.С.