Богдановиќ: Незадоволството во СДСМ Центар е резултат од политичкото „елиминирање“ на луѓе за кои градоначалникот Герасимовски смета дека не му се блиски

Коалицијата ВМРО ДПМНЕ-ЗНАМ се фаворити во Центар и според сегашните анкети бројката само ќе расте бидејќи актуелниот градоначалник и претседател на СДСМ Центар ги држи двете позиции и со тоа ја влече партиската структура надолу, вели Богдановиќ за „Локално“

од Nikola Popovski
2155 прегледи

Има разни зборувања за можни поделби на општините но, тоа на крај ќе го решат лидерите на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски и на ЗНАМ Максим Димитриевски нормално во комуникација и со другите коалициони партнери, вели во изјава за „Локално“, екс-градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ откако дел од медиумите објавија дека ВМРО-ДПМНЕ бара поддршка од ЗНАМ за нивниот кандидат за градоначалник на Куманово на локалните избори, додека за возврат би дале поддршка на кандидатот на ЗНАМ за општина Центар.

За актуелниот градоначалник на Центар, Горан Герасимовски и дали ќе се кандидира за нов мандат, Богдановиќ вели дека тој неколку пати се сретнувал со разни политички структури пробувајќи да обезбеди, како што посочува, поддршка бидејќи и самиот знае дека на последните избори СДСМ имаше негатива од скоро 6500 гласови и општинската организација која ја предводи – СДСМ Центар за првпат е поразена од ВМРО ДПМНЕ после 15 години.

-Тоа се должи од затвореноста на општинската организација, растурање на партиската структура која години наназад носеше успеси и беше непобедлив бастион. За првпат се оддели структура од СДСМ Центар и премина во ЗНАМ заради незадоволството кое владее во самата општинска организација. Тоа е резултат од политичкото „елиминирање“ на луѓе за кои градоначалникот и претседателот на ОО СДСМ Центар смета дека не му се блиски и сега тоа кога еднаш е растурено не може да се состави посебно не од човек кој довел до тоа растурање. И обидите за кокетирање со разни политички структури само допринесува да се растура партиската структура на општинската организација бидејќи се гледа само спас за сопствената градоначалничка позиција, оценува соговорникот.

Запрашан дали доколку ВМРО ДПМНЕ и ЗНАМ ја добијат за нив толку посакуваната општина, дали би се очекувало проширување и надградување на на проектот „Скопје 2014“, Богдановиќ нагласува дека коалицијата на двете партии според бројките од минатите избори се фаворити во Центар и според сегашните анкети, таа бројка само ќе расне бидејќи, како што вели, актуелниот градоначалник и претседател на ОО СДСМ Центар ги држи двете позиции и со тоа ја влече партиската структура надоле која беше главна за добивање на избори во изминатите изборни циклуси.

Екс-градоначалникот смета дека партиските членови не сакаат јавно да го истакнуваат тоа заради почит према партијата и да не создаваат непријатности, но во меѓусебна комуникација тоа и тек како го истакнуваат, а некои и го коментираат на социјалните мрежи. Инаку коалицијата ВМРО ДПМНЕ и ЗНАМ не би го надградиле проектот „Скопје 2014“ година освен некои проекти кои можеби се во фаза на завршување да се завршат заради договорни обврски. Нови незапочнати проекти слични на проектите од Скопје 2014 нема да има, заклучува Богдановиќ.

На слични прашања вчера поразговаравме токму и со првиот човек на спомената општина. Герасимовски во разговор за „Локално“ посочи дека нема сомнение како Центар е бастион само на слободомислечките граѓани и е дециден дека така мора да остане. Порачува и дека време е да престанеме се да гледаме и цениме низ призма на „партискиот“ нишан. Исто така истакна и дека доколку граѓаните ја искажат својата поддршка на анкетите за проектите кои ги реализирал во изминатите три и пол години, ќе се кандидира за да ги доврши отпочнатите и да реализира уште повеќе во наредните 4 години. 

Од ЗНАМ на Димитриевски нагласија дека не разговарале за размена на ресори. Објаснија дека движењето за сите отворени прашања и забелешки разговара директно со премиерот Христијан Мицкоски и во рамки на работната група, каде учествува како политички субјект. Таму се усогласуваат политиките и се следи реализацијата на владината програма.

ЗНАМ има двајца министри во Владата. Едниот од нив е генералниот секретар на партијата Горан Минчев – министер за администрација. Тој беше генсек и на СДСМ, а ги извршуваше и функциите пратеник (2008-2014) и директор на владината Служба за општи и заеднички работи за време на владеењето на СДСМ во периодот од 2003 до 2006 година. Игор Филков, пак, е едно од четирите имиња што не биле досега на државна функција. Него ЗНАМ го предложи за иден министер за правда. Тој е дипломиран правник и на државната функција се пресели од приватниот сектор.

Превирања и во коалицијата ВЛЕН три наспрема еден. Арбен Таравари не знае дека Биљал Касами, Изет Меџити и Африм Гаши договараат обединување во една партија. Меџити вели, сите сме без дилеми освен Таравари. Идејата е една политичка партија и настап на локалните избори.

Таравари на коалициските партнери ги испорачал своите барања за локалните избори. Додека во партијата размислуваат, тој вели дека не знае оти тројцата разговараат за обединување во една партија. -Идејата е одлична, смета Таравари. Сепак, посочува и да не се приклучи во обединувањето на ВЛЕН има пет пратеници во Собранието. Од друга страна, додека Меџити резервирано вели, ќе видиме, ќе процениме кои се аргументите „за“ и „против“ и дека теоретски е возможна реконструкција на Владата, премиерот Мицкоски дециден со одговор „не“, потенцирајќи дека односите во владината коалиција се одлични.

Н.П.

Слични содржини